Можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји во областа на јавната администрација и зајакнувањето на институционалните капацитети беа во фокусот на денешната средба на министерот за јавна администрација Горан Минчев со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Македонија, Ола Сулстром.
Како што соопштуваат од Министерството за јавна администрација, на протоколарната средба министерот Минчев изразил благодарност за континуираната поддршка на Кралството Шведска во реформските процеси и потенцирал дека овие партнерства се од суштинско значење за унапредување на квалитетот на јавните услуги и институционалната ефикасност.
-Нашата цел е да изградиме јавна администрација која е сервис на граѓаните, професионална, транспарентна и насочена кон резултати. Поддршката од нашите меѓународни партнери, како што е Шведска, е од големо значење во овој процес на модернизација и институционална зрелост, изјави министерот Минчев.
На средбата била изразена заедничка подготвеност за понатамошна соработка, размена на искуства и спроведување на заеднички проекти во областите на модернизација на јавниот сектор, управувањето со човечките ресурси, транспарентноста, отчетноста и примена на добри европски практики.
