Признание од ЗНМ за новинарот на „А1он“ Петар Клинчарски за професионално истражувачко новинарство

Од:

Новинарот на „А1он“, Петар Клинчарски доби признание за придонес во промоцијата на професионалното истражувачко новинарство за 2022 година. Покрај Клинчарски, посебни признанија добија и новинарите Ирена Мулачка, Мартин Пушевски и Фросина Димеска, додека плакета доби новинарката Кристина Атовска.

Серијалот од осум истражувачки стории на Клинчарски објавени на „А1он“, го третираат имотот на премиерот Димитар Ковачевски, неговото семејство и бизнис конекциите со лица од неговото најтесно опкружување. Приказните се однесуваат за непријавениот имот на Ковачевски во Антикорупциска, влезот на неговата сопруга во бизнисот со електрична енергија како и бизнис релациите со неговиот кум, со кого беа партнери во приватниот сектор, пред Ковачевски да влезе во политиката.

Сториите беа пренесувани од голем број медиуми во земјава. Повикувајќи се во голема мера на откритијата на „А1он“, опозициската партија ја отвори и аферата „Броило“. За една од сториите – непријавениот имот на премиерот Димитар Ковачевски во Антикорупциска, имаше и епилог со тоа што Ковачевски се повлече од сопственичката структура. Истражувањата продолжија и во тековната 2023 година.