Прифатени барањата на Обвинителството за новосомничените за пожарот во Кочани, притвор од 30 дена за четворица

Од:

Основниот суд Кочани денеска ги прифати предложените мерки за новосомничените лица во проширената истрага за пожарот во дискотеката „Пулс“ што ги побара Обвинителството. – Добиени се 18 барања, за четири лица е изречена мерка притвор во траење од 30 дена, за шест лица куќен притвор согласно член 163 и мерки за претпазливост согласно член 146 од Кривичниот законик, а за осум лица е изречена мерка за претпазливост согласно членот 146. Сите имаат право на жалба во законски рок, во зависност од мерката што им е одредена, од 24 часа до 72 часа, потврдија од Основниот суд Кочани.

Сите 19 новосомничени лица, како и претходните 27 физички и три правни лица, за кои беше поведена истрага, се осомничени за „Тешки дела против општата сигурност“ од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Истражни постапки има и против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.

Од новоосомничените, тројца се овластени градежни инспектори во Општина Кочани, тројца директори на Дирекција за заштита и спасување покрај претходно еден директор кој е веќе во постапка, еден генерален инспектор во Дирекција за заштита и спасување, тројца министри за економија, три службени лица во Министерство за економија, двајца државни секретари во Министерството за економија и четири пазарни инспектори во ДПИ.

– Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот „Пулс“ во Кочани, рече државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на новинарско прашање, на денешната прес-конференција.

Едно лице од 19-те новосомничени во моментот на отворање на истрагата беше надвор од државата, а министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска на прес-конференција рече дека очекува за кратко време да биде достапен на институциите во земјава и амбасадорот во Норвешка и поранешен министер за економија Дритон Кучи кој е надвор од државата, а кој е еден од 19-те новоосомничени во проширената истрага за пожарот во дискотеката во Кочани.

– Согласно она кое што го кажа лицето кое го споменавте, очекуваме дека истотото за крако време ќе биде достапно на институциите во Македонија, изјави Тошковки на новинарско прашање дали има информација кога се враќа во земјава амбасадорот во Норвешка со оглед дека тој јавно се огласи и кажа дека се враќа во земјава со првиот авион.

Како што прецизира државниот обвинител, досега е поведена истрага кон 45 физички и три правни лица. Едно од физичките лица во меѓувреме почина и против него истрагата ќе биде прекината. Порача дека истрагата ќе биде максимално ефективна и ќе ги даде посакуваните ефекти.

-Во изминатиот период, обвинителскиот тим кој е проширен на вкупно 13 јавни обвинители интензивно постапуваше и испитуваше повеќе линии на одговорност за пожарот во кој за жал животот го загубија 61 лице, меѓу кои шест деца, а беа повредени уште 197 лица од кои 25 деца. Покрај оние за кои постојат сомненија за директна одговорност како сопственици, управители, организатори на забавата, обезбедување во клубот на критичната ноќ и корисници на пиротехничките средства, се истражува одговорноста и на сите институции и службени лица кои со своите незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабарето „Пулс“ во Кочани од самиот почеток во подолг временски период па се до настанување на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата кои го посетувале објектот. Законските норми и надлежности за заштита на безбедноста се јасни и тие се донесени и мора да се почитуваат токму за да се избегне ваква катастрофа, рече Коцевски.

Истрага се води и против седум полициски службеници во постапката што ја отпочна Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција односно Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција за целосно утврдување на линијата на одговорност, за што јавноста ќе биде веднаш известена.

Коцевски најави и дека претстојат уште многу дејствија, распити и анализи, потенцирајќи дека истрагата ќе биде максимално ефикасна и ќе ги даде сите очекувани одговори за оваа трагедија.

Истрагата за случајот со катастрофалниот пожар од 16. минатиот месец мора да заврши за уште два месеци.

Би можело да ве интересира

ОЈО бара мерки за претпазливост за последниот 19-ти осомничен со кого е проширена истрагата за пожарот во Кочани

А1он

Венко Крстевски е избран за в.д. градоначалник на Кочани

Горан Наумовски

ДУИ: Јавноста бара одговорноста за ужасната трагедија во Кочани да се утврди точно и правично

Eксперти од Англија и наши доктори подготвуваат протокол за лекување на повредените од дискотеката во Кочани

Горан Наумовски

Тошковски: Истрагата за трагедијата во Кочани не е завршена, се уште трае

Низа лични дискредитации и навреди за предложените кандидати за в.д. градоначалник на Кочани