Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на 31 август ќе одржат предупредувачки двочасовен протест поради проблемот со правилото 90/180 дена за престој на професионалните возачи во Шенген-зоната.
Како што соопшти „Макам-транс“, протестот во Македонија ќе се одржи пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, од 12 до 14 часот. Најавено е учество на најмалку 20 возила, како и на сопственици на транспортни компании, возачи и други вработени од повеќе градови во земјава.
Протестите во четирите држави ќе се одржат во ист термин, во пресрет на состанокот на работната група во Брисел, закажан за 1 септември, на кој треба да се разговара за статусот на професионалните возачи и нивниот престој во Шенген-зоната.
Од „Макам-транс“ велат дека доколку на состанокот не биде донесено преодно решение, се разгледува можноста за организирање протест на граничните премини во секоја од државите, со почеток на 14 септември.
За ваков протест потребна е согласност од превозниците во секоја држава, како и одобрение од надлежните институции. Според најавите, се разгледува протест сличен на оној што беше организиран во јануари годинава, кој би можел да трае и подолго од 10 дена.
„Макам-транс“ наведува дека асоцијациите на превозниците од четирите држави во моментов собираат согласност од компаниите за организирање на протестот, кој би бил предупредување до Европската Унија.
Од асоцијацијата оценуваат дека во изминатите седум месеци ЕУ не покажала доволно добра волја за надминување на проблемот, иако, како што посочуваат, во визната стратегија професионалните возачи се признаени како лица кои вршат професионална дејност.
Во случај на подолготраен протест на границите, превозниците планираат со надлежните органи да договорат кои стоки би се пропуштале, особено оние од значење за државата и населението. Меѓу нив се наведуваат нафтата и нафтените деривати, јагленот, потребните орудија и препарати за општините и јавните претпријатија, муниција и други неопходни производи.
„Макам-транс“ веќе испратил анкета до превозниците за да се утврди дали постои поддршка за протестот. За организација на протестот е потребна согласност од најмалку 70 проценти од превозниците во државата.
