Православните и католичките верници годинава го слават Велигден на ист ден

Од:

Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден – 20 април. Ваквото поклопување не се случува често, бидејќи источната и западната црква користат различни календари (јулијански и грегоријански), но годинава датумите се совпаѓаат.

Двата најважни празници во христијанството се Божиќ и Велигден, денот на раѓањето и денот на воскресението на Исус Христос. Датумот на Божиќ е утврден – тоа е 25 декември, и во јулијанскиот и во грегоријанскиот календар.

Велигден, пак, секоја година паѓа на различен датум, што многумина збунува. Иако секогаш се слави во недела, правилата за одредување на датумот на овој празник не се едноставни – тие вклучуваат астрономија, математика и вековна црковна традиција.

Велигден мора да падне по пролетната рамноденица, во неделата по полната месечина, на 14-тиот ден од еврејскиот месец нисан. Но, постојат неколку причини кои дополнително го комплицираат сето ова. Како прво, астрономските набљудувања не се користат за одредување на денот на пролетната рамноденица и полната месечина, туку Велигденски таблици – јулијански и грегоријански. Затоа, може да се случи „црковната“ полна месечина да се разликува од реалната и до неколку дена, што директно влијае на датумот на празникот.

Втората, најважна причина за разликата во датумот на „православниот“ и „католичкиот“ Велигден е еврејскиот празник Пасха. За православните христијани, Велигден мора да биде по празникот Пасха – кој е клизен, според еврејскиот лунарен календар. Тоа има и длабоко теолошко значење, бидејќи Христовото воскресение се случило по Пасха. На овој начин се зачувува хронолошкиот и симболичкиот редослед на библиските настани. На оваа пресметка за славење на Велигден по Пасха се придржуваат и православните цркви кои го прифатија Грегоријанскиот календар за празнување на Божиќ.

Католичката црква не ја смета оваа врска задолжителна, па затоа Велигден понекогаш паѓа и пред Пасха.

По годинашното совпаѓање, догодина православната и римокатоличката црква, повторно различно ќе го слават Велигден. Православните верници Воскресението Христово во 2026 година ќе го одбележат на 12 април, а католичките една недела порано на 5 април.

Последното славење на Велигден на ист ден беше во 2017 година, а следното ќе биде на 16 април 2028.

Би можело да ве интересира

Велигден во „Шутка“ – затворениците го прославија празникот

Православните верници го слават Велигден

Посебен режим на сообраќај во Скопје поради празникот Велигден

Велика Сабота – денот меѓу смртта и воскресението

Велигденско послание на г.г. Стефан: Со нашата вера и со богоугодни дела да го озариме светот со велигденска радост

Државниот врв на Велигденски ручек

А1он