Православните христијански верници во земјава утре го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божиќ.
Оваа година поради пандемијата ќе изостане вообичаеното масовно одбележување пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.
Одборот за прослава на Бадник, најави дека традицијата, сепак, продолжува и покрај ситуацијата со коронавирусот, водејќи сметка за сите заштитни мерки и протоколи. Кум на манифестацијата годинава ќе биде проф. д-р Никола Пановски, а здравичар проф. д-р Миодраг Врчаковски.
Бадникарската прослава ќе се одвива под строгите правила за заштита и движење и однесување, но за деталите ќе информираат пред одржувањето на настанот.
Нема да има делење на бадникови гранчиња во дворот на Соборниот храм „Климент Охридски“ во Скопје, туку на главниот влез на црквата и на влезот од страната на камбанаријата.
Свештениците од Соборниот храм ќе ги осветат нафората, чајот и ракијата, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.
Нема да се одржат ниту традиционалните детски бадникови поворки како предвесник на утрешниот христијански празник Рождеството Христово – Божик.
– На 6 јануари напладне каде и да се наоѓате на планетата Земја, запрете за миг и помолете се за подобра година за сите, апелира Здружението за православни вредности „Бадникови поворки“ по повод овогодинешното чествување на Бадник и Божиќ.
Околностите, посочуваат од Здружението, не дозволуваат да ја организираме традиционалната божиќна манифестација, ниту да формираме поворки на радост низ улиците, но ништо не’ не спречува, од топлината на своите домови, да ја пееме божиќната песна погласно од било кога.
– Оваа година ќе имаме еден поинаков, но не помалку радосен Божиќ. Божикната песна ќе не’ сплоти во силна заедничка молитва и ќе не’ предизвика, полни со верба и надеж, радосно да го најавиме Христовото Раѓање!, потенцираат од Здружението.
Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници. Божиќ е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.
Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза.
Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка. Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.
Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божиќ.