Враќање кон корените, славење на историјата со пиетет и почит, низ убава дружба во местото на раѓање со убави спомени, е она што го карактеризира претстојниот голем државен и верски празник, Илинден.
На втори август, во четврток, на подрачјето на општина Крива Паланка и Ранковце ќе се одржат повеќе народни собири, а домаќините на истите повикаа на масовност.
Градоначалникот на општина Ранковце, Ивица Тошевски, ги повика сите намерници да ја посетат општината и да уживаат во дружбата на четири локации.
– Би сакал да ги поканам сите кои сакаат да се оттргнат од секојдневието, да го прослават достојно нашиот голем Илинден и во природа и на локациите каде во нашата општина се одржуваат јавни собири, во селата Псача, Гулинци, Опила, како и во Петралица, каде секоја година масовно се собираат и нашите повратници, иселениците, месното население и нивните пријатели и блиски роднини, повика Тошевски.
Членовите на Сојуз на воени инвалиди на Македонија ги повикаа граѓаните за време на големиот празник , Илинден, да го посетат обновеното училиште во село Трново, Кривопаланечко кое под нивна управа е пренаменето во место за престој и одмор.
– Убавата природа, чистиот воздух и прекрасните пејзажи се нешто што ќе ги привлече сите кои живеат во урбаните средини, особено периодов за време на празниците, но и сите кои се родени во ова место, да го искористатт овој амбиент барем во време на празниците и да бидеме сплотени и радосни заедно, рече Ѓоко Трајковски, член на Сојузот на воени инвалиди и управител на „Трновски ветар“.
Собирот во село Трново се одржува по литургијата во црквата Св.Никола, и одбележување на месноста свети Илија, на блиското возвишение покрај школото.
Во село Петралица, општина Ранковце и во село Трново, Кривопаланечко, за време на одржување на народните собири ќе се одржат и традиционални акции за крводарување во организација на Општинска организација на Црвен крст, Крива Паланка во координација со Институт за трансфузиона медицина, Скопје.