Средното училиште „Наум Наумовски Борче“ од Крушево со Центарот на средни училишта од Печуј, Унгарија денеска во просториите на крушевското училиште потпиша договор за соработка.
Договорот го потпишаа директорите на училишните центри, Снежана Миленковска и Зибер Мецер во присуство и со поддршка на амбасадорот на Унгарија Ласло Иштван Дукс и на крушевскиот градоначалник Томе Христоски.
Според Зорица Кузманоска, професор во крушевското Средно училиште и водител на проектот, ова е прво официјализирање на долгата соработка што ја имаат Крушево и друштвото на Унгарците во Македонија, зашто во 1956 и 1957 година во Крушево биле сместени околу 400 унгарски бегалци во одморалиштето „Шула Мина“. Тие заминале, но врските останале.
– Како училиштен центар имаме соработка со Центарот на средни училишта од Печуј, Унгарија, особено што заедно имаме насока за кулинарство и угостителство. Ние во Крушево, веќе втора година спроведуваме истражување за унгарските граѓани кои поминале низ Крушево. Најдобрите двајца ученици, и лани и годинава, со поддршка на Унгарската амбасада престојуваа по 10 дена во Унгарија. Со овој договор сета досегашна соработка се официјализира. Меѓу другото, ќе имаме размена на искуства, ученици, практична настава и натпревари. Соработката опфаќа многу области, објаснува Кузманоска.
На плоштадот во Крушево, вечерва од 18 часот во рамките на манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ ќе се одржи унгарска вечер и ќе настапат повеќе културни друштва од Унгарија.