Поплавени земјоделски површини во одредени места

Од:

Поради врнежите од дожд кои ја зафатија Македонија во изминатите денови поплавени се земјоделски површини во одредени места.

Досега, како што информира денеска Дирекцијата за заштита и спасување, врежите од дожд немаат предизвикано посериозни последици врз станбените и деловните објекти, патиштата и мостовите.

Според информациите на Дирекцијата, во општина Куманово поради засилени врнежи од дожд изминатото деноноќие дошло до подигнување на нивото и излевање на реката Кумановка кај селото Доброшане при што се поплавени 20 хектари земјоделска површина, додека кај селото Довезенце излеана е Крива Река и поплавени се 10 хектари.

Во општина Кочани излеана е Злетовска река кај селото Ново Селани и поплавени се оризови полиња. Од страна на Дирекцијата за заштита и спасување е ангажирана градежна машина која од петокот работи на расчистување на коритото на Злетовска река за да се спречи понатамошно излевање и поплавување на оризовите полиња. На барање на локалната самоуправа ангажирана е уште една градежна машина за расчистување на коритото на Злетовска Река кај селото Жиганци.

Превентивно за уредување на коритото на Злетовска Река ангажирана е една градежна машина и во општина Пробиштип.

Во Крива Паланка нема излевање и поплавување на реките и водотеците, иако во текот на вчерашниот ден нивото на Крива Река и Дурачка Река било покачено. Состојбата со реките денес е нормализирана и стабилна.

Покачено ниво на реките и водотеците во текот на вчерашниот ден е забележано и во општина Радовиш, но денес и таму состојбата е нормализирана.

Во Штип по барање на општината доставени се 1000 вреќи за песок заради изградба на заштитен насип на бунарите кај реката Брегалница. Состојбата со реките и водотеците во овој регион е стабилна.

Од Дирекцијата за заштита и спасување истакнуваат дека сите нивни подрачни одделенија ја следат состојбата и се подготвени да помогнат доколку дојде до излевање на водотеците и до поплавување.

Би можело да ве интересира

Голем дефект на водоводна цевка ја поплави прилепската противпожарна единица

Поплавени улици во Битола по обилниот дожд во градот

Повторно врнежи денеска, нова закана од поплави

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Свлечишта, поплавени куќи низ земјава, најалармантно е во Кичево

ВИДЕО: Поплавени куќи во селата Буковиќ и Семениште во општина Сарај

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Поплава во Кичево: Евакуирани околу 200 луѓе, под вода и објекти на болницата

Катерина Ѓуровски