Директорот на затворот Идризово, Живко Пејковски заедно со директорката на санкции Лидија Гавриловска, поткупуваат гласови од затворениците низ цело Идризово и насамо им ветуваат помилувања доколку гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, обвинува Мери Николова, активист за правата на затворениците.
Николова за А1он вели дека оваа информација ја добила од повеќе семејства на осудениците кои се обратиле до неа телефонски и преку пораки.
Според Николова, притисоците од страна на директорот Пејковски кон затворениците започнале заедно со предизборната кампања. Таа вели дека затворениците биле под закана овие притисоци да ги чуваат во тајност и да не ги изнесуваат во медиумите.
– Секогаш имало притисоци кон затворениците да не контактираат новинари, да не се жалат. Но вакви притисоци и методи, со ветување на помилување и слично, започнале со почетокот на оваа предизборна кампања. Не верувам дека некој од затворениците ќе поверува за помилување затоа што, како што целата јавност е сведок преку Собранискиот канал најгласни противници на законот за амнестија што јас го предложив во Собранието беа токму пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Влатко Ѓорчев кој преседаваше со комисијата, рече Николова.
Поткупување гласови и помилување на затворениците само за да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ е противзаконски, Николова смета дека ЈО нема да превземе ништо во врска со овој случај исто како што се случуваше и со многу други случаи кои не оделе во прилог на досегашната власт.
– Јасно им е на сите граѓани на Република Македонија што имаат очи, уши и памет дека Јавното Обвинителство, Марко Зврлевски и целото сваровски судство немаат намера да превземат ништо против криминалната власт која ги именувала на тие места и каде „слепо“ мора да ги слушаат нивните наредби. Сметам дека секое обраќање до сваровски судството ќе заврши во кош за одпадоци. Останувам со надеж дека после изборите и паѓањето на криминалната власт и нивните слуги, ќе профункционира правната држава и секој да го добие заслуженото, вели Николова.
Докажаниот активист за правата на затворениците јавно им се обраќа на директорот на КПД Идризово, Живко Пејковски и директорката на санкции, Лидија Гавриловска да не вршат никакви притисоци врз затворениците и да не им го скратуваат нивното демократско право на одлучување.
Николова истакна и дека повеќето од лицата за кои се сигурни дека нема да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ ги нема воопшто на избирачкиот список, при нивна претходна проверка пред еден месец биле на списокот, но веќе не постојат.
Како што вели Николова, директорот на КПД Идризово, Живко Пејковски дал налог сите осуденици кои користат награда слободни денови до утре да бидат вратени во Идризово додека не заврши гласањето односно изборите. Таа алармира дека на затворениците им е оневозможен контакт со најблиските, бидејќи во затворот се исклучени телефонските говорници.
А1он се обиде да стапи во контакт со Пејковски за да се произнесе во врска со овие обвинувања, но тој не одговори на нашите повици.
Виктор Јованов