Полскиот претседател Коморовски во официјална посета на Македонија

Од:

Претседателот на Република Полска Бронислав Коморовски денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Република Македонија, на покана од шефот на македонската држава Ѓорге Иванов.

Коморовски претпладнево ќе биде пречекан со највиоски државни и воени почести во Вилата Водно, по што ќе има тет-а-тет средба со македонскиот претседател Иванов, а потоа е предвиден и пленарен состанок на официјалните делегации.

Во присуство на двајцата претседатели ќе биде потпишана Спогодба меѓу Министерството за образование и наука на Македонија и Министерството за наука и високо образование на Полска за соработка во областа на науката и високото образование. Иванов и Коморовски ќе одржат заедничка прес-конференција, а ќе учествуваат и на Македонско-полскиот бизнис форум.

На свеченост во Вилата Водно, претседателот Иванов на својот полски колега ќе му врачи Орден „8 Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и соработката меѓу двете земји, како и за афирмирање и јакнење на меѓународната положба и углед на Република Македонија. Орденот „8 Септември“ се доделува и како израз на благодарност до полскиот народ и лидерите на Република Полска за негувањето и јакнењето на односите на пријателство и на соработката меѓу двете држави, за силната поддршка и помош во напорите за реализација на стратешките цели и принципиелниот однос кон уставното име на Република Македонија.

Полскиот претседател Бронислав Коморовски денеска на првиот ден од посетата ќе се сретне и со претседателот на Собранието на Македонија, Трајко Вељаноски.

Сопругите, пак, на двајцата претседатели Маја Иванова и Ана Коморовска во текот на денов ќе го посетат Музејот на Холокаустот, новиот објект на Македонскиот народен театар, Спомен куќата на Мајка Тереза, како и здружението за борба против ракот „Борка-за секој нов ден“.
Претседателите на Република Македонија и на Република Полска утре ќе престојуваат во Охрид, каде што ќе посетат повеќе културно-историски знаменитости.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Владата ќе потроши над 350.000 евра за промовирање на својата работа преку бугарска фирма

СДСМ: Дрскоста е одлика на оваа Влада, колку ги чини граѓаните Дејвид Гета имате обврска да кажете!

Горан Наумовски

Владата тврди: Осомничениот возач зел 500 евра како дел од побараната награда од 1.500 евра

Горан Наумовски

30 дена притвор за возачот во Владата кој зема поткуп

МВР: Приведен e возач во Владата, фатен e со обележани пари

Горан Наумовски

ВМРО-ДПМНЕ: Борба против криминал е апсење на вработен кој се обидел да земе мито