Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција вчера до Основен суд Скопје 1 – Скопје поднело обвинителен акт за предметот познат под полициска акција „Келија“.
Во овој случај 11 лица се обвинети за делото „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“ од чл.322 а од Кривичниот законик.
Како што е наведено во соопштението од Кривичниот суд, обвинението е дадено на постапување кај Совет за оценка на обвинителен акт при овој суд.
На сите 11 обвинети лица, кривичниот совет им го продолжил притворот во траење од 30 дена.
Во полициската акција „Келија“ која беше спроведена на почетокот на август минатата година беа уапсени девет лица кои беа поврзани со регрутација и логистика за странски терористички организации, а во продолжението на истрагата беа уапсени уште две лица.