Програмата за образование на Роми на УСАИД заедно со партнерските основни училишта во Скопје, Прилеп и Куманово организираше настан за да го одбележи успешното завршување на првиот циклус мали училишни интеркултурни иницијативи. Овие активности беа дизајнирани како дел од училишните вон-наставни активности каде учениците од мешано етничко потекло работеа заедно и учеа за обичаите и традициите во различните култури. Овие активности овозможија поголема интеракција помеѓу учениците и инклузивна училишна клима. Како резултат на ова, учениците од овие училишта подготвија готварче со рецепти од кујните на различните етнички заедници, собраа легенди и преданија од постарите, подготвија презентација на национални носии, научија песни од нивните соученици со различна етничка позадина.
„Денеска сме овде да ја славиме различноста. Нашите деца живеат во свет кој станува се поразличен и ние треба да ги подготвиме за тој свет. Со тоа што ќе ги им дадеме можност за искуства со други култури, децата ќе можат да учат едни од други, да ги збогатуваат своите лични искуства и да ги јакнат своите вештини кои се критични за нивниот подоцнежен живот“, рече Лиана Мар, директор за образование во УСАИД Македонија.
Програмата за образование на Роми на УСАИД имплементирана од Фондацијата отворено општество-Македонија е иницијатива од 4.5 милиони УСД која им помага на преку 1,500 ученици Роми годишно да ги подбрат нивните стапки на завршување и успех. Од почетокот во 2004 г. до денес, 298 средношколци и 84 студенти Роми завршија средно образование и универзитет со поддршка на УСАИД; преку 300 наставници од проектните основни училишта и 156 средношколски наставници добија обука за образование за социјална правда и интерактивни наставни методи.
Oд 1993 година па досега американскиот народ преку УСАИД има инвестирано преку 500 милиони долари во Македонија. УСАИД работи со луѓето на Македонија на создавање работни места, развивање демократски институции и практики, подобрување на интегрираното образование и подготвување на учениците за работна сила.