Почнуваат уписите на петте државни универзитети, слободни вкупно 25.624 места

Од:

На петте јавни универзитети во Македонија оваа недела ќе почне пријавувањето за запишување во прва година во академската 2013/2014 година. Слободни се вкупно 25.624 места, од кои за редовни во државната квота 15.063, за редовни во квотата со кофинансирање на студиите 7.411 и за вонредни студенти 3.150 места.

Најмногу слободни места (10.351) има на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, а од нив за редовни во државна квота 6.122, за редовни со кофинансирање 3.154 и за вонредни 1.075 места.

На Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола има 4.160 места за идни студенти (2.520 за редовни во државна квота, 1.110 за редовни со кофинансирање и 530 за вонредни). На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“-Охрид има 400 места, од кои 200 во државна квота и по 100 за кофинансирање и за вонредни.

На овие три државни универзитети првото пријавување на кандидатите е во четврток и петок (15-ти и 16 август), а тие што ќе го пропуштат овој рок, следниот е на 3-ти и 4 септември, а третиот рок на 17 септември.

Првиот уписен рок на Државниот универзитет во Тетово е од 19-ти до 23 август и слободни се 5.630 места (3.260 за редовни во државна квота, 1.920 за редовни со кофинансирање и 450 за вонредни студенти). Вториот рок на ДУТ е од 3-ти до 6 септември, а третиот од 17-ти до 21 септември.

На Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип слободни места има за 5.083 идни студенти (2.961 за редовни во државна квота, 1.127 во квота за редовни со кофинансирање и 995 за вонредни). На овој универзитет првиот рок за пријавување кандидати ќе почне утре и ќе трае до 15 август. Вториот рок на УГД е на 29-ти и 30 август, а третиот рок на 13 септември.

За редовните во државната квота годишната партиципација е 200 евра, а за тие што ќе си ги кофинансираат студиите, цената за една студиска година е 400 евра, иако има и пониски цени со одлука на самите факултети. На пример, Природно-математичкиот факултет на ДУТ нема да наплаќа партиципација за наставните насоки на студиските програми по математика, физика, хемија, биологија, географија и информатика.

Кадарот од природно-математичките и од техничките науки е дефицитарен и затоа министерот за образование и наука Спиро Ристовски на прес-конференција ги повика кандидатите да размислат за нив зашто ќе имаат повеќе можности за работа по дипломирањето.

– Профилот на студенти кои завршуваат на овие факултети во моментов е дефицитарен на пазарот на трудот, а станува збор за струки коишто се актуелни и барани од компаниите кои веќе работат или ќе почнат да работат во земјата. Затоа упатувам апел до идните студенти сериозно да размислат на кој факултет и на која студиска програма ќе го продолжат своето образование, истакна Ристовски.

Како и во минатите години, цената на дисперзираните студиски програми е 100 евра годишно. Нивниот број останува непроменет, а не е исклучено ако има потреба да се отворат нови. Тој нагласи дека достапноста на високото образвание во општините го зголемил бројот на студенти, посочувајќи дека во минатата студиска година (2012/2013) на јавните универзитети биле запишани 17.803 студенти, наспроти 12.307 во 2005/2006.

Засега нема изгледи да се оствари иницијативата за поместување на првиот рок за упис на универзитетите од следната година – во јуни наместо во август, што е врзано и со поместување на роковите за државната матура.

– Сега не би можел да дадам конкретен одговор дали дефинитивно ќе бидат поместени, но во следнава година планираме извесни реформи во државната матура, па со оглед на таа реформа и евентуално нејзината имплементација, дополнително ќе утврдиме дали ќе се полага порано државната матура, а како резултат на тоа да се овозможи поран упис во академска година, одговори Ристовски.

Би можело да ве интересира

Трамп потпиша извршна наредба за распуштање на Министерството за образование

Јаневска објави: Нов закон за средно образование ќе има наскоро

Хајделберг факултетот се доближува до идните академски граѓани: Започна караван низ средните училишта во Македонија

A1on

(ВИДЕО) Николова: Предложените реформите се без јасна стратегија за развој и модернизација на образованието

ВЛЕН: Сериозно сме посветени на образованието кое беше во тотална летаргија

Јаневска: Пакетот закони од образованието се носи демократски и инклузивно

Горан Наумовски