Почна Рамазанскиот пост

Од:

Верниците од исламска вероисповед рано изутринава го почнаа Рамазанскиот пост, што трае 29 дена и завршува на 20 март. За време на постот верниците од изгрејсонце до зајдисонце се воздржуваат од јадење и пиење.

Според исламската религија, Рамазан е месец кога првите стихови од Куранот му биле откриени на пророкот Мухамед пред повеќе од 1.400 години. Постот, кој е еден од исламските столбови е задолжителен за сите верници за нивно физичко и духовно прочистување. Верниците мора да се воздржуваат од лоши зборови и дела со цел општо човечко прочистување. Постењето е верска обврска за секој полнолетен, здрав муслимански верник, но не е обврзувачко за болните, бремените жени и работниците кои вршат тешка физичка работа.

По рамазанскиот пост, на 20 март е Рамазан Бајрам, кој се чествува три дена. Тогаш целото семејство се собира на празнична трпеза, а се посетуват роднините и пријателите. Рамазан е деветтиот месец во Исламскиот календар.

Првиот ден од Рамазан Бајрам е државен празник и 20 март (петок) ќе биде неработен ден за сите граѓани.

Во пресрет на Рамазанскиот пост, поглаварот на Исламската верска заедница, реисул-улема Х. Хфз. Шаќир ефенди Фетаи испрати порака во која истакна дека Рамазан е месец во кој срцата стануваат почувствителни, совеста поостра, а врската со Аллах подлабока.

-Рамазан доаѓа како повик кон внатрешен мир и кон преуредување на нашиот живот околу она што е суштинско. Целта на постот е богобојазливоста. Богобојазливоста е постојана свесност за Алах која го насочува човекот во мислата, зборот и делото. Таа е морална совест која го одржува човекот исправен и кога е сам, и одговорен и кога никој не го гледа. Рамазан е школа на дисциплина и карактер. Кога се воздржуваме од храна и пијалак – нешта што се дозволени – ја воспитуваме нашата волја и ја зацврстуваме самоконтролата, за да можеме да се воздржиме и од забранетото. Оваа самоконтрола мора да се прошири и надвор од физичкиот аспект. Таа треба да го опфати нашиот јазик, однесување и меѓучовечки односи – вели тој во пораката.

Фетаи посочува дека во овој месец не е доволно верниците да се одалечат само од храната, туку треба да се одалечат и од раздор, клевета и горделивост.

-Постот има за цел трансформација на карактерот. Не е доволно да пости со стомакот, треба да замолчи и злото во нас. Не е доволно да се оддалечиме од храната, треба да се оддалечиме од раздор, клевета и горделивост. Преку постот учиме благодарност за благодатите што често ги земаме здраво за готово, стануваме почувствителни кон состојбата на оние што се во потреба и ја зајакнуваме меѓусебната одговорност. Дарежливоста, милоста и помошта кон оние што имаат потреба се конкретен израз на верата и на постот – вели поглаварото на ИВЗ.

Во пораката порачува овој Рамазан да биде месец на прочистување на срцата, зацврстување на верата и морално издигнување за секој од нас.

– Да го започнеме овој Рамазан со решителност за вистинска промена. Да го искористиме овој месец за помирување со Аллах преку искрено покајание и за помирување меѓу нас преку простување и разбирање. Искреноста нека биде темел на секое дело, а одговорноста критериум на секоја одлука. Го молиме Возвишениот Алах овој Рамазан да биде месец на прочистување на срцата, зацврстување на верата и морално издигнување за секој од нас. Нашите срца да се ослободат од секој непотребен товар. Нашите семејства да се исполнат со мир и разбирање. Нашата заедница да се зацврсти во единство и институционална одговорност. Нашата татковина да биде благословена со мир, правда и стабилност. По повод почетокот на благословениот месец Рамазан, имам чест и задоволство, во име на Исламската верска заедница на Република Северна Македонија и сите нејзини институции, како и во мое лично име, од срце да им посакам на нашите верници во татковината и во дијаспората благословен Рамазан, лесен и прифатен пост, и месец што ќе остави длабоки траги во нашата душа, карактер и живот, приближувајќи нè повеќе кон Алах и обединувајќи нè посилно во добрина, правда и одговорност. Нека ни е за добрина доаѓањето на месецот Рамазан. Аллах нека ве благослови – вели во пораката поглаварот на ИВЗ, Фетаи.

Би можело да ве интересира

Муслиманите го слават Рамазан Бајрам

Ана Ололовска

Почнува рамазанскиот пост

Ана Ололовска

За Рамазан во Гостивар ќе има бесплатен леб за секое сиромашно семејство

А1он

Почнува рамазанскиот пост

Ана Ололовска

Во пресрет на Рамазан, кризниот штаб на Маврово и Ростуше на средба со имамите од џамиите

А1он

Почнува рамазанскиот пост за муслиманските верници

Ана Ололовска