До СДСМ пристигнало писмото од еврокомесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе со повик до сите политички субјекти да направат напори за излез од политичката криза, но велат дека одговорноста за состојбите во државата е кај власта и оти сега е на потег премиерот Никола Груевски.
Потпретседателот на СДСМ Зоран Јовановски во одговор на новинарско прашање по денешната прес-конференција за тоа како ќе одговарат на писмото од Филе рече дека минатиот петок, пред да помине рокот, СДСМ доставил предлог кој, според нив, е фер, разумен и максимално конструктивен.
– Меѓутоа мора да знаеме дека во секое демократско општество одговорноста за состојбите во земјата оди кај власта. Сега е моментот Груевски да го направи тоа што треба да го направи и тој е на потег, истакна Јовановски.