Македонските неврохирурзи немаат интерес да супспецијализираат педијатриска неврохирургија кај еден од водечките детски неврохирурзи во светот Мемет Озек, вработен во истанбулската болница „Аџибадем Алтунизаде“. Во оваа болница функционира посебен оддел за педијатриска неврохирургија кој нуди и стипендии за лекари кои бараат усовршување, но од Македонија и покрај покажаниот интерес, не добиле ниту едно барање за соработка. Тимот на доктор Озек има 600 – 700 операции годишно, а последните пет години нема ниту еден починат пациент.
„Досега никој од Македонија нема стапено во контакт со мене ниту по телефон, ниту по е-пошта, на ниту еден начин. Вратите кај нас се отворени за сите“, вели Озек, кој тврди дека во Македонија има одлични неврохирурзи со кои може да соработува доколку покажат интерес за усовршување.
Кај него најчесто доаѓаат деца со тумори длабоко во мозокот, деца со спастицитет, со церебрална парализа, деца со вродени оштетувања на ‘рбетот и на ‘рбетниот мозок и деца со епилепсија. Озек вели дека најважно за успешните операции е да се реагира колку е можно порано, понекогаш и веднаш по раѓањето, но и милтидисциплинарниот пристап кон пациентите, за што е потребен тим на чие формирање тој работи веќе 25 години.
„Голем дел од пациентите коишто доаѓаат кај нас имаат тумори во мозокот, деца со спастицитет, голем број од нив се деца со дијагноза церебрална парализа. За да работите со овие пациенти мора да имате екипа. Мора да се работи со екипа во која има ортопед, невролог, неврохирург и доктор за анализа на движење, во екипата мора да има физиотерапевт, работиме со мултидисциплинарна екипа“, вели неврохирургот Озек.
Во неговата екипа има Македонец. Гостиварецот Енис Шабан веќе тринаесет години врши анализа на движењето на пациентите кои доаѓаат кај нив. И тој е зачуден зошто македонските лекари не доаѓаат во Турција за усовршување, но вели дека ги разбира.
„Познавам многу колеги од Македонија кои кога би дошле би добиле многу искуство за нешто да се направи во Македонија. Кога ги гледам државите од Балканот, кога одам таму на семинари и на курсеви сè некако ми личи дека не сме поминале од старото на нешто ново. Посебно имаме проблем со старите генерации затоа што тие се останати меѓу комунизмот и капитализмот. Овие промени полека се случуваат во балканските земји. Со помладите специјалисти коишто сакаат нешто да научат имаме контакт. Јас сакам да дојдат овде бидејќи се од мојата земја, а и професорот има посебен однос оти една половина од неговата фамилија е од Призрен. Тој многу цени да работи со луѓе кои доаѓаат од Балканот. Во нашата екипа голем број од колегите се од Балканот. Луѓето кои доаѓаат од Балканот се многу вредни, многу работат и многу се бистри, вели професорот. Планот за соработка со колегите е уште од 2010 година, секогаш сакавме нешто да направиме, но бавно оди. Не знаеме како да ја забрзаме оваа ситуација“, вели Шабан.
Тој смета дека државната неврохирургија во Македонија може да биде и подобра имајќи предвид колку неговите колеги овде се трудат, но сепак вели дека некои работи не зависат само од нив туку и од технологијата.
Нивниот тим во „Алтунизаде“, болницата во Истанбул, користи најнова технологија за снимање на пациентите. Имаат магнетна резонанца која не само што го снима туморот во мозокот туку прецизно го следи и неговото движење, што ја олеснува операцијата. Тимот прави и ендоскопски операции како помалку инванзивна метода.
Половина од пациентите се од странство, а меѓу нив често имаат пациенти и од Македонија. За децата од Турција нема олеснувања во плаќањето, операциите ги плаќаат приватно оти немаат договор тоа да биде на државен трошок.
„Во 21 век ако сакате добра дијагностика и добро лекување потребна е голема и добро развиена технологија. Развиената технологија, за жал, не е бесплатна. Цените се движат од 5 до 40 илјади долари, во зависност од дијагнозата. За тумор, во зависност од местото каде што се наоѓа, цената на операцијата е од 25 до 40 илјади долари“, вели Озек.
Тој до неодамна бил и претседател на Здружението на педијатриски неврохирурзи на Европа и вели дека се многу ретки болниците во светот коишто работат со тимови за педијатриска неврохирургија. Во Европа такви тимови има во Лондон и во Париз.