Граѓанска иницијатива Паркобрани, се огласи по денешните снимки објавени од СДСМ, во која се договара изградба на зграда кај Бристол. Паркобраните дежураа и протесираа да не се уништи зеленилото и да не се гради зграда на тоа место, но во ноќните часови беа отстранети од полицијата. Еве што велат Паркобраните:
Почитувани граѓани,
Во денешните бомби на опозицијата можевме да слушнеме дека директно Никола Груевски е нарачателот на зградата кај паркот Бристол. Денес уштееднаш ни се потврди дека зад уништувањето на зеленилото и продолжувањето на барокната треска во Скопје директен нарачател е токму премиерот.
Во периодот август-септември 2013 година како иницијатива предупредувавме дека сечењето на дрвјата и уништувањето на последната зелена површина во центарот на Скопје е злосторство врз центарци и скопјани. Тогашните наши предупредувања завршија со полициско апсење во 3 часот наутро со цел да бидеме замолчени за Никола Груевски да може да ги спроведе своите фрустрации. На крајот целиот процес го крунисаа партиско-судски пресуди за 11 приведени паркобрани!
Денешните аудио-снимки презентирани од опозицијата се само уште една поткрепа во она што го говоревме тогаш.
Во оваа пригода би сакале да Ве известиме дека како иницијатива се приклучуваме кон натпартиската коалиција “Граѓаните за Македонија” како можност преку која ќе се спротивставиме на режимот на Груевски, а со тоа и враќање на демократијата, слободата и правдата во Република Македонија.
Ве повикуваме како наши поддржувачи во недела во 14 часот да ни се придружите на протестот пред Владата на Република Македонија и да се избориме за каузата којашто и не обедини.
Со почит,
Граѓанска иницијатива ПАРКОБРАНИ