Во струшкото село Глобочица денеска ќе биде осветена новоизграденaта црква „Свети Илија“, на 50 – годишнината од потопувањето на селото, поради изградбата на хидроцентралата „Глобочица“.
Иницијативниот одбор на Месната заедница „Глобочица“ информира дека чинот на осветување на црквата, која датира од 15 век, ќе го води владиката Тимотеј.
Фрескописот на новоизградента црква е на Петко Филкоски од село Нерези, а иконостасот на Божин Стојкоски и Кочо Аиноски од Охрид.
Поранешните жители на ова село, кое се наоѓа на 20-ина километри од Струга, на патот за Дебар, заедно со своите нови поколенија, млади генерации, одлучиле да ја возобноват некогашната црква, но и селото, кое сега добива нов лик со новоизградени куќи на ридот над езерото.
Новата црква заедно со крстот, вградена во себе ја носи и камен-плочата од некогашната потопена црква, која била извадена од дното на Глобочичкото езеро од страна на нуркачки тим во мај 2012 година. Мештаните велат дека камен по камен, напорно, но убаво сите го носат духот на некогашното село.
– Сите некако долго време страдавме дека црквата ни остана потопена. Но, со возобнувавањето, направивме чекор да ја извадиме над вода. Сега, после цели 50 години, е тука, истакнаа поранешните жители.
Гостите кои сакаат да присуствуваат на осветувањето на црквата со сплав ќе бидат пренесувани преку езерото.
Во длабочините на езерото Глобочица стојат остатоци од потопената црква „Свети Илија“, која била изградена за време на турското владеење, а крстот, според мештаните, кога опаѓа нивото на водата се гледа над површината.