Организаторите на трката „Делчево трча за здрав живот“ се задоволни од масовноста на учесниците и на публиката. Трката се организираше по втор пат во Делчево.
На денешната прес-конференција, Дејан Златковски од Здружението „Драмас“ организатор на трката, потенцираше дека според масовноста и на учесниците и на публиката, трката ја остварила својата цел.
– Како организатори изразуваме благодарност до сите учесници и за поддршката што ја добивме од oпштината и спонзорите, МВР и Здравствениот дом во Делчево. Сакаме денеска да испратиме порака за да продолжи оваа традиција, но и граѓаните да разберат дека за да бидат здрави не треба да се практкува спортот само еден ден во годината, туку нон стоп да бидат луѓето активни затоа што здравјето нема цена, рече Златковски.
Тој додаде дека оваа трка е мал придонес за здрав живот на делчевци.
– Даваме придонес да ги стимулираме младите да живеат здраво, да ги остават пороците и да одат напред, со вакво трчање, спортување се намалува ризикот од најчестте причини за смрт во нашата општина, а тоа се кардиоваскуларните заболувања во Делчево. И во таа смисла, задоволен сум што многу млади беа дел од натпреварувачите, рече Златковски.
Иницијаторот на трката, Драган Стоиловски од Здружението на иселениците во Швајцарија „Рефрама“ порача дека победниците на трката и оние кои се мотивирани да спортуваат ќе имаат можност да се натпреваруваат на една од трките во Женева.
– Тоа е мојата замисла, сите оние кои се мотивирани да спортуваат, и оние кои беа годинава во најдобра физичка подготвеност, да се обидам да им организирам настап на една од трките во Женева. Јас и мојата сопруга постојано учествуваме на тие трки и ова е нашата заложба за нашиот роден крај, нашите сограѓани да се посветат на спортот, рече Стоиловски.
Годинава на трката учествуваа 530 граѓани кои се натрпеваруваа во 10 категории во зависност од возраста. Најуспешните добија медали и благодарници. На главната трка, Драган Стоиловски стигна трет до целта, а пред него беа, Роберт Цетковски како второпласиран и Петар Стаменковски и Кристјан Китанов кои го поделија првото место на главната трка. Од женската главна трка, прва стигна до целта Атанаска Стојковски, втора Дафинка Тутунџиска, а трета Лидија Дамјанова.