Над 120 учесници од земјава, соседна Бугарија, Србија и Турција, но и иселеници од делчевскиот крај низ цела Европа, синоќа беа дел од првиот Бизнис-форум кој го организираше Општина Делчево.
Мите Стојковски, кој е родум од Делчево е еден од луѓето кои го препознаа потенцијалот што го нуди градот и пред извесно време ја започна изградбата на црква на планината Голак. Таа инвестиција за кратко време резултирала со интерес кај негови пријатели од Америка и Англија кои размислуваат за изградба и на други туристички комплекси таму.
– Мислам дека во Делчево има голем потенцијал, но треба да се работи многу. Треба да се подобри патната инфрастуркутра, да се отвораат нови индустриски капацитети за луѓето да не се иселуваат туку да остануваат тука, а градовите да живеат. Тоа што Македонија сега се придвижува кон Европската унија значи дека се отвораат нови можности, повеќе фондови кои стојат на располагање и кои бизнис секторот може директно да ги користи, вели Стојковски.
Општината Борнова во Турција веќе долги години е збратимена со Општина Делчево, а нејзинот претставник Мевлут Хепсебен кој е иселеник од делчевско Габрово, синоќа беше дел од форумот кој според него е важен чекор за зацврстување на заедничката соработка.
– Борнова има големи потенцијали за развој, а соработката со Делчево која се одржува веќе 14 години значи дека бизнисмените оттаму може лесно да остварат контакти со овдешните. Досега таа главно била од областа на културата и стопанството, истакнува Хепсебен.
Николај Талев од инвестицискиот фонд „Салана“ од Софија, Бугарија, со потенцијалите на Делчево првпат се запознал пред околу еден месец и оттогаш заедно со своите колеги има сериозни намери за инвестирање.
– За нашиот фонд е важно да и се помага на секоја држава, која стапнува во Европската Унија и која воопшто сака да се движи по европскиот развоен пат, но на прво место за тоа да се оствари е секако подобрување на патната инфраструктура, која како и на Бугарија така и на Македонија и недостасува, заклучува Талев.
За првиот човек на општината, градоначалникот Трајковски, Делчево нуди многу можности за развој во повеќе области. Тука се ТИРЗ зоната со осум плацеви наменети за лесна незагадувачка индустрија и Сервисната зона, а уште две треба наскоро да бидат подготовени и отворени за потенцијалните инвеститори. Градот веќе ја има подготвено комплетната техничка документација за изградба на современ градски пазар во форма на јавно-приватно партнерство, а Голак е, вели тој, целосно подготвен за враќање на својот сјај како туристичка дестинација.
– Главната порака од овој бизнис форум која ја испраќаме е дека секој поединец е важен и секој може да придонесе за развој на градот. Во Делчево не е инвестирано веќе подолго време и токму од тие причини го организираме овој настан преку кој презентираме што може градот да пружи како локална самоуправа, се со цел нови вработувања, истакна Трајковски.
На Бизнис-форумот беше презентиран видеоматеријал за Делчево низ историјата и вредностите на Општината, проектите кои се во тек на реализација и планирани активности, можностите за развој на бизнис во Делчево, можностите што ги нуди Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој, Можности во делот на образованието-Национална агенција за европски образовни програми и мобилност. Присутните гости по презентациите имаа можност да споделат свои идеи за развој на градот.