„Онкологија 2“: планот за набавка на биолошка терапија не го носел стручен колегиум, недостигале и протоколи и упатства

Од:

Слабости и неусогласености со законските прописи утврдила ревизијата на Клиниката за онкологија – изјави претставник од Државниот завод за ревизија, кој детаљно објасни како и зошто била извршена ревизијата на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) за 2021 година, на денешното рочиште за случајот „Онкологија 2“.

– Ревизија се изврши во согласност со редовната годишна програма од ДЗР за 2021 година донесена по редовна постапка на крајот на 2021 во декември – изјави претставникот нагласувајќи дека извештајот се однесува на финансиските извештаи за таа година и дека во него се наведени неусогласености со законот и слабости во користењето на средствата.

Тој појасни дека ревизорската методологија бара секоја констатирана состојба спротивна на конкретна законска основа да биде наведена.

– Кога велиме слабости во нашиот ревизорски извештај, тоа е ревизорска терминологија, меѓутоа самата состојба укажува на постапување што е спротивно на одредена законска обврска – појасни тој.

Во делот за пописот на средствата, сведокот посочи дека ревизорите утврдиле недоследности.

– Со пописот не е утврдена состојбата и не се поблиску опишани дел од средствата со кои располага Клиниката, како градежни објекти, нематеријални средства, патнички автомобили и материјални средства во подготовка. Во дел од пописните листи не се наведени вредносни показатели и не е извршено вредносно усогласување на податоците од спроведениот физички попис со податоците од сметководствената евиденција. Во извештајот од спроведениот попис не е наведена состојбата од постојаните средства и состојбата со резерва на лекови, реагенси и медицински потрошен материјал – рече тој.

Претставникот на ДЗР заклучи дека ваквата состојба имала директно влијание врз веродостојноста на финансиските извештаи на клиниката. Дополнително, тој посочи дека планот за набавка на биолошка терапија не бил резултат на стручен колегиум, туку се базирал единствено на историски податоци за потрошени количини лекови, што создава ризик од селективно определување на терапијата, без стручна анализа.

Претставникот се осврна и на разликите во евиденцијата за лекови.

– Во сметководствената евиденција постои разлика помеѓу месечни податоци за издадени лекови од аптека и примени лекови во организациските единици на клиниката. Неусогласеноста е резултат на тоа што дел од т.н. биолошка терапија е набавена на реверс, пред склучување договор за јавна набавка и во моментот на прием и нејзиното издавање не е внесена цена во материјалната евиденција на клиниката – рече тој.

Во продолжение сведокот повтори дека планот за набавка на биолошка терапија не бил резултат на стручен колегиум, туку бил изготвен врз основа на историски податоци за потрошени количини лекови.

– Во текот на 2021 година докторите одлучувале кои пациенти ќе примаат биолошка терапија за што одобрение давал медицинскиот директор, без да се земе предвид дали клиниката располага со доволно количини лекови за покривање на потребите на сите пациенти на кои им била препишана терапијата – посочи сведокот.

Оваа состојба, како што појасни, создава ризик од субјективно и селективно определување лекови за кои се одобрува условниот буџет, што не е поткрепено со стручна анализа и предлози.

– На клиниката не биле донесени медицински протоколи, упатства или насоки со кои ќе се воспостават правила и ќе се утврдат критериуми, кои треба да ги исполнува пациентот за да прима биолошка терапија – нагласи тој.

Сведокот заклучи дека ваквите практики создаваат ризик биолошката терапија да не биде еднакво достапна за сите пациенти, што е спротивно на законските одредби.

Според извештајот, тој сподели дека во 2021 набавувана била биолошка терапија во период кога постапката за таква набавка, како што рече, сѐ уште не била спроведена од Министерството за здравство.

– Имајќи предвид дека за поголемиот дел од биолошката терапија само еден економски оператор има ексклузивно право за нивна продажба, таа е набавува на реверс, фактурите се изготвени од клиниката по склучување на јавната набавка. Не навлегувајќи во потребата од континуирано и навремено обезбедување биолошка терапија, констатираме дека воспоставениот начин на набавка влијае на почитување на начелото на конкуренција – рече тој.

Судењето продолжува со вкрстени прашања од одбраната.

Во случајот „Онкологија 2“, Васев и Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра. Двајцата обвинети ја негираат вината и тврдат дека процесот е политички мотивиран.

Покрај овој предмет, во тек е и постапката „Онкологија 1“, во која Васев и уште двајца лекари се обвинети за несовесно лекување пациенти.

Би можело да ве интересира

Судење „Онкологија 2“ – Туфегчиќ: Доктор Црвенкова правилно постапувала и го продолжила периодот на преживување повеќе од вообичаено

Горан Наумовски

Судење за аферата „Онкологија 2“: Одбраната на Васев со забелешки за вештачењето и лиценцата на експертот

Горан Наумовски

Сведок од ФЗО: Поради зголемен број пациенти се бараа повеќе пари за онколошка терапија

Горан Наумовски

Вработени и пациенти на Онкологија сведочеа за случајот со незаконска набавка на лекови

Пациентка сведочеше за примање терапија надвор од стандардна процедура во случајот „Онкологија 2“

Судењето за „Онкологија 2“ почна одново

Катерина Ѓуровски