Непознати сторители насилно влегле во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ која се наоѓа во горниот стар дел од Дебар и украле вредни икони и други предмети.
– Украдени се царските двери со длабока резба кои се со непроценлива вредност, потоа четири икони од иконостасот, збирка икони на платно кои се познати како Ерусалим, кои се многу вредни и кои ретко која црква ги има, изјави намесникот на дебарската парохија Благоја Спироски.
Според него, кражбата се случила изминатиот викенд, а денеска доцна попладне ја забележал Никола Андоновски, член на Црковниот одбор, кој дошол да го запали кандилото.
Крадците, според Спироски, ги откорнале железните шипки на прозорците и влегле во црквата. Ова е трета голема кражба во оваа црква, која потекнува од единаесеттиот век. Во изминатите две што се случија пред две години беа украдени четириесеттина вредни икони, платнена плаштеница стара 200 до 300 години, пари и други предмети.