Општина Делчево и оваа година дава можност за активирање на превозната линија до туристичкиот локалитет Голак која треба да функционира само за време на викенди и со намера да се излезе пресрет на сите заинтересирани граѓани кои сакаат да ја посетат планината над Делчево.
Како што истакна Николина Петровска-Мавродиева, виш соработник за сообраќај и патишта во општина Делчево, општината создава услови на заинтересираните превозници за оваа линија, а превозниците одговараат на потребите на граѓаните. Линијата Делчево-Голак не функционира, односно никој не ја одржува, бидејќи нема заинтересирани патнници, а со тоа нема зиантересирани превозници, иако станува збор за атрактивна туристичка линија, до туристичкиот локалитет, линијата остануваше досега неинтересна. Таа беше воведена пред 11 години со назнака за превоз за секој ден во неделата, додека од пред пет години, таа е ставена да функционира само за време на викендите. Дали ќе има годинава заинтересирани превозници, останува да видиме од актуелниот оглас, рече Петровска Мавродиева.
Оваа линија за градски превоз е една од 13 кои општината ги распишува на Оглас за доделување линии за вршење општински линиски превоз на патници на подрачјето на општина Делчево до населените места и до граничниот премин со Бугарија, а Огласот се распишува согласно со законските прописи, еднаш во годината.
– Превозот на планираните линии ќе се врши со патнички моторни возила минимум (8+1) седиште. Линиите се одржуваат секој ден со најмалку две тргнувања кои се одредуваат со возен ред. На одредени релации превозот може да се врши и во одредени денови во неделата,(зависно од потребите на жителите на неселените места, а деновите ќе се определат со предложениот возен ред. Возниот ред го предлага превозникот при што е должен да ги има предвид барањата и потребите на граѓаните, месните заедници, претпријатијата и други органи. Тарифата за превозот е определена од Советот на општина Делчево, рече Петровска-Мавродиева.
Таа истакна дека на Огласот можат да аплицираат превозниците кои имаат добиено лиценца за вршење на општински линиски превоз на патници од општина Делчево, а рокот за поднесување на барањата за добивање нови линии за вршење општински линиски превоз на патници е 30 дена од денот на објавување на огласната табла во просториите на Општина Делчево.
– Превозниците кои сакаат да извршат промена на возниот ред на одобрена линија за општински линиски превоз на патници, исто така, ја поднесуваат документацијата со предлог нов возен ред. Постапката за доделување нови линии за вршење општински линиски превоз на патници и за промена на одобрени линии за вршење општински линиски превоз на патници на подрачјето на општина Делчево ја спроведува Комисија формирана од градоначалникот на Општина Делчево, рече Петровска-Мавродиева.