Одржана тркалезна маса „Предизвиците и проблемите на младите новинари“

Од:

Вчера во Клубот на новинари се одржа тркалезната маса „Предизвиците и проблемите на младите новинари“, во рамки на Проектот за младинско изразување финансиран од Европската Унија, а во организација на Радио МОФ и Младински образовен форум.

На тркалезната маса присутните говореа за проблемите со кои се соочуваат младите новинари, прво во текот на образованието, а потоа и на работното место. Меѓу нив беа 38 претставници од повеќе образовни институции, медиуми, здруженија, млади новинари и студенти по новинарство, кои ги споделија своите искуства и перспективи за состојбата на младите новинари во државата.

Како што истакна професорката Јасна Бачовска, в.д. раководител на новинарски студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“, има сериозен проблем со квалитетот на овие студии.

„Студиите по новинарство постојат 40 години, а таму имаме само еден наставник, избран од овие студии. Ако во 1977 кога стартуваа студиите имало 125 заинтересирани студенти, денес едвај се запишуваат 20 лица“, истакна Бачовска.

Таа посочи дека и самата се чувствува виновна за состојбите, бидејќи е дел од новинарските студии. „Новинарските студии се под големо влијание на правните студии. Запоставени се другите области“, критична е професорката. Друг проблем кој го истакнува е недостигот на практична работа, а студентите само се искористуваат во медиумите како неплатена работна сила.

Жанета Трајкоска, од Институт за комуникациски студии се осврна на главните проблеми со кои се соочуваат сите новинари, како ниските плати, економска несигурност, искористувањето на новинарите од центрите на моќ, но и несоодветното новинарско образование.

„Имате медиуми кои нудат ужасно ниски плати, новинари кои со години работат без договори, а сето тоа носи до резултат каде најголем дел од средношколците не сакаат да бидат новинари. Медиумите ни се огледало на општеството, но новинарското образование е огледало на медиумите“, укажува Трајкоска. Во однос на новинарското образование, појаснува дека забележува сериозни проблеми.

„Ние ретко имаме критичко размислување и аналитичко пишување на додипломски студии. Ние имаме прес-конференции кои минуваат без ниту едно поставено прашање. Имаме професори кои врска немаат со новинарството. Вие не може да имате професор кој ви предава новинарско пишување, а нема еден ден работно искуство во новинарството“, критична е Трајкоска.

Во текот на дискусијата присутните разговараа за идеите новинарската диплома да биде услов за влегување во новинарската професија, за потребата од ментори кои ќе ги водат студентите кога ќе тргнат на работа, како и за личните искуства. Тркалезната маса е завршен настан во рамки на кампањата „Седма сила“, со која Младински образовен форум и Радио МОФ во фокус на својата работа ги ставаат состојбите во македонското новинарство и слободата која (не) ја имаат новинарите.

Би можело да ве интересира

Манчевски: Борбата против дезинформациите е дел од нашите обврски кон НАТО

А1он

Тркалезна маса за регионален развој, спречување на иселувањето и создавање средна класа

Ана Ололовска