Министерството за внатрешни работи информира дека денеска повеќе настани предизвикале прекини и ограничувања на сообраќајот на патните правци во земјата.
-Во 17:35 часот е пријавено дека на автопатот Скопје – Велес, по тунелот „Бадар“, има одрон од карпа кој ги зафатил двете ленти. Сообраќајот засега не е во застој, а на лице место се полициски службеници и екипа од Македонија пат, информираат од МВР.
Од 18:05 часот, поради излевање на Црна река кај село Бучин во крушевско е прекинат сообраќајот на локалните патни правци село Бучин – Демир Хисар, село Бучин – село Обршани и село Бучин – село Трноци.
Исто така, од 18:15 часот е воведена забрана за движење на товарни возила на патниот правец Струга – Ќафасан.
Од 18:30 часот патниот правец Пробиштип – Леговец е затворен за сообраќај во двата правци поради сообраќајна незгода и вршење увид.
