Одбраната на обезбедувањето тврди – не постоел план за обезбедување на „Пулс“

Од:

На денешното рочиште за случајот „Пулс“ во Кочани, одбраната оцени дека обвинението против обвинетите од обезбедувањето е неосновано, без конкретни докази и изградено врз хаотични претпоставки. Адвокатите нагласија дека дел од обвинетите имале ограничени задачи и не можеле да спречат внес на пиротехника, а како клучни причини за трагедијата посочија институционални пропусти и недостиг на надзор. Во пожарот што се случи на 16 март годинава загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Бранителот на Јане Јанчевски, директор на агенцијата за обезбедување Рубикон, адвокатот Јовица Страшевски, во воведен говор, рече дека не се исполнети елементите на кривичното дело што му се става на товар на Јанчевски и како негов бранител предлага да се ослободи од обвинение поради непостоење на докази.

– Не може сите обвинети со ваков опис на обвинението сите да презеле исти дејствија и да се извршители на исто дело тешки дела против општата сигурност, а притоа да нема поврзани докази кој какво дејство презел. Со ваков обвинителен акт и докази како бранител имам тешка задача да објаснам и дојдам до конкретен логичен заклучок, зошто од описот на обвинението нема логичен заклучок, изјави Страшевски

Во обвинението, според Страшевски не е јасно наведено какви дејствија и кои од тие дејствија по својот карактер претставуваат исполнување на делото што му се става на товар и уште поконкретно со кои дејствија и кога и со кого го сторил.

– Диспозитивот на обвинението претставува акт на измислено, свесно и хаотично извртување на вистината во поглед на обвинетиот Јанчевски со цел да се создаде заблуда во јавноста.

Обвинителството има погрешно утврдена фактичка состојба во однос на делото што му се става на товар на Јанчевски, изјави Страшески.

Ќе докажеме, рече Страшевски, дека Јанчевски ниту бил, ниту поттикнал сторување на делото.

Адвокатот Дејан Стојчев, посочи дека во услови на непостоење на никаков писмен договор за приватно физичко обезбедување со сопственикот на дискотеката или било каква исплата, а му се ставаат на товар дела како да има писмен договор.

– Овој судски процес е единствена шанса мојот клиент да ја докаже својата невиност, рече Стојчев.

Адвокатот Зоран Зафировски во воведниот збор истакна дека неговиот клиент, обезбедувачот Лазар Захариев, не само што е обвинет, туку и сам претрпел сериозни последици од трагичниот настан.

Зафировски нагласи дека Захариев повеќе од три часа извлекувал деца и посетители од дискотеката, сè до моментот кога немало веќе кого да спасува, по што завршил на болничко лекување со нарушено здравје. Одбраната посочи дека обвинетиот имал обврска само за патролно обезбедување и пристигнал во објектот два часа по настапот на групата ДНК, со што немал можност да види што се внесува во дискотеката.

– Дали обезбедувачите имаат вина поради фактот што на територија на општина кочани 1 години немало инспектор за пожар и поради фактот што контрола на пиротехника од страна на МВР постои само на хартија, рече адвокатот.

Обвинетиот Захариев, во воедниот збор пред судот изјави „Криво ми е на кобниот ден што не успеав да спасам повеќе животи“.

Бранителот на обвинетиот обезбедувач Ивица Грозданов, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, во воведен говор, рече дека пожарот во дискотеката „Пулс“ е последица на целокупниот однос на државата кон редот, законот и со еден збор системот.

– Корумпираниот систем е причина, но не ги гледам во судница креаторите на овој систем. Рибата од главата смрди. Се прашувам каде било Обвинителството во Кочани во изминатите 13 години. Ивица Гроздановне бил ниту најмалото тркалце и му се става на товар дека без писмен договор со агенцијата за обезбедување Рубикон не изготвиле план за обезбедување на дискотека, изјави Давидовиќ.

Надзорот и контролата на малолетниците, рече Давидовиќ, не е обврска на обезбедувањето и не е кривично дело.

Одбраната на обвинетиот Мартин Ѓорѓиев, исто така, дел од обезбедувањето, адвокат Елизабета Панева, во воведен говор, рече дека ќе докажат дека не го сторил делото што му се става на товар.

– Обвинителството го товари Мартин Ѓорѓиев дека постапил спротивно од законот за приватно обезбедување и заедно со Ивица Грозданов, Лазар Захарие и Стојанче Димитриев… вршејќи обезбедување не извршиле проверка на идентитетот и овозможиле влез и присуство на малолетници во дискотеката, како и дека не го спречиле внесот на пиротехниката со која е предизвикан пожарот. Ќе докажеме дека немало умисла и договор меѓу овие обвинети. Ќе докажеме дека Мартин не постапил спротивно на одредбите на законот за обезбедување, затоа што на кобната вечер неговата работна задача била да става печат на влезница, а не да врши проверка на идентитетот. Имал можност, но не и законска обврска да мора да проверува идентитет. Можноста не создава и обврска, изјави Панева.

На денешното рочиште, одбраната на обвинетите градоначалници истакна дека постапката се води врз основа на нецелосна истрага и без обезбедени факти кои директно ги поврзуваат обвинетите со катастрофата.

Претходно, одбраната на обвинетите градежни инспектори нагласија дека „причината за трагедијата не е поради градежни пропусти на структурата на објектот“ и дека инспекторите „не можеле да постапат бидејќи немало пријава или наредба за инспекциски надзор“. Сите изразија жалење и сочувство на семејствата на починатите лица.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март годинава, загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени.

Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска и се одвива под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинетите, роднини на жртвите, обвинителството, одбраната и бројни новинари.

На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.

Би можело да ве интересира

Деко се расплака во судница: Сите знаат колку генерации пораснаа во клубот и колку се грижев за нив

Катерина Ѓуровски

Судење „Пулс“: Адвокатката на газда Деко вели „никој на Дејан ме му констатирал пропусти во работата на дискотеката“

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Газда Деко и сите останати обвинети не се чувствуваат виновни по обвинението за трагедијата во „Пулс“

Катерина Ѓуровски

Судење „Пулс“: 13 мобилни телефони и лап-топ се пронајдени во ќелијата на обвинетиот Џеваир Камбери

Катерина Ѓуровски

Продолжува судењето за „Пулс“: Обвинетите денес ќе се изјаснат за вината

Горан Наумовски

Нема изјаснување за вина и воведни зборови, обвинетите за Пулс“ го немаат интегираното обвинеие

Катерина Ѓуровски