Општинската организација на Црвениот крст во Велес е една од подобрите, која својата мисија и визија ја реализира преку 482 членови и над 400 волонери почитувајќи ги принципите на Движењето – хуманост, неутралност, непристрасност, независност, доброволна служба, единство и универзалност, оцени претседателот на Општинскиот Црвен крст во Велес Милчо Трајков на прес-конференција во Велес.
– Успешни сме затоа што имаме мисија преку која работиме на спречување и ублажување на човековото страдање. Заштита на животот и здравјето, унапредување на социјалната состојба, обезбедување почит и достоинство на човековото битие, а особено во случај на несреќи и катастрофи, го промовираме меѓународното хуманитарно право и хуманите вредности, поттикнуваме доброволно ангажирање и постојана подготвеност за давање помош, како универзално за солидарност и хуманост, рече Трајков.
Покрај редовните активности Црвениот крст промовира и хумани вредности преку изработка и реализација на проекти од социјално-хуманитарната дејност, грижа за заедницата и културата како систем од вредности преку промовирање на дијалог и ненасилство.
Во текот на изминатата година, како што рече тој, Општинската организација на Црвен крст Велес преку своите социјално-хуманитарни програми за 97 семејства од подрачјето на општините Велес, Чашка и Градско обезбеди и додели помош во храна и хигиенски средства во вредност 127 илјади 650 денари, на 293 семејства е доделена помош во облека, обувки или постелнина, а со проектни активности на Младите на Црвениот крст за 14 лица покренати се хуманитарни акции за обезбедување парична помош за лица на кои им е потребна долготрајна, скапа медицинска терапија или друг вид здравствена интервенција.
Тој најави дека Светскиот ден на Црвениот крст и Неделата на Црвениот крст на Република Македонија од 8 до 15 мај, Општинската организација ќе ги одбележи со пригодни манифестации и настани.
Меѓу нив ги наведе изложба на фотографии од активностите и акциите на членовите и волонтерите на Општинската организација Црвениот крст, дебата со ученици од основните и средните училишта за промоција на волонтерството, мултикултурното живеење и разбивање на стереотипите и предрасудите кај младите, хуманитарен турнир во мал фудбал помеѓу екипи од четирите средни училишта од Градот.