Од денеска се очекува да поевтинат над 1000 производи, од Комората на трговци повторно со реакција

Од:

Од денеска се очекува да поевтинат над 1000 прехранбени и непрехранбени производи откако во Службен весник се објавени одлуките на Владата за ограничување на бруто профитните маржи и за замрзнување на цените на дел од производите. На самиот старт на владините одлуки, вчера реагираа од Комората на трговци на големо и на мало, од каде изразија загриженост и побараа повторно средба со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши за да ги разгледаат последиците од овие одлуки.

Владата во вторникот на седница донесе одлуки за ограничување на бруто профитната маржа и за утврдување на највисоките цени на одделни производи со што треба да бидат опфатени 102 групи на производи или на над 1000 прехранбени и непрехранбени производи.

Според Комората, со владините одлуки нема да бидат опфатени 1000 производи, туку од 3000 до 4000 производи, вклучувајќи ги сите видови млеко, како и производите како што се детергентите и сапуните.

– Целиот сектор ја дели загриженоста, иако до Владата, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат достави конкретни предлози, кои се одраз на реалната состојба. Овие предлози беа на барање на Владата. Тие имаат за цел да се обезбедат ефективни мерки за намалување на цените, а истовремено да не го загрозат опстанокот на трговските претпријатија. Затоа предлагаме Владата посериозно да ги земе предвид нашите аргументирани предлози, кои се во согласност со Уставот и законите на државата, пред да донесува вакви сериозни одлуки, кои можат да нанесат голема штета на сите стопански субјекти вклучени во трговската дејност, информираа од Комората.

Одлуките на Владата ги оценија како избрзани и посочија дека со нив се нанесува значителна штета на голем број стопански субјекти.

Одлуките на Владата веќе се објавени во „Службен весник“ што практично значи дека треба да стапат на сила, а ќе траат до 30 април.

Со владината одлука, на пет проценти се ограничува бруто профитната маржа на млекото, лебот, брашното тип 400 и 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко, на 10 отсто месото и преработките од месо, шеќерот, млечните производи, маргаринот, путерот, конзервирниот зеленчук и овошје, гравот, оризот и тестенините, а на 15 отсто средствата за хигиена, свежото овошје и зеленчукот, детергентите, бебешката храна, пелените, сапунот, тоалетната хартија и слично.

Одлуката за утврдување на највисоки цени ќе се однесува на осум групи основни прехранбени производи при што како највисока цена ќе се земе онаа што важела на 1 февруари годинава.

Би можело да ве интересира

Димитриеска-Кочоска: Ако има „картелско“ здружување на маркетите цените и во „КАМ“ и во „Веро“ ќе беа тука некаде

Казни и до 10 илјади евра ако трговците не ги почитуваат мерките за ограничување на маржите

СДСМ: Откако се покачија, Владата ги замрзна цените, тоа е нова манипулација

Трговците се загрижени за ограничените маржи на основните производи

СДСМ: Мицкоски подлегна на заканите од трговците и повторно ги излажа граѓаните

„Замрзна“ одлуката за маржите, минстерот за економија на средба со трговците

Катерина Ѓуровски