Обвинителство негира дека е под притисок во истрагата за „бомбите“

Од:

Од Јавно обвинителство негираат дека се врши политички притисок во истрагата за содржината на објавените прислушувани разговори, или така наречените „бомби“ на опозицијата. Истражните постапки по овие предмети се одвиваат споро и значително заостанаа зад постапките против луѓе од опозицијата кои стасаа до судски рочишта, а од ОЈО за „А1он“ велат дека „се работи согласно динамиката на стратегијата на секој обвинител поединечно.“

Наспроти тоа, во извештајот на експертската група испратена од Европската комисија, констатирано е дека независноста на обвинителот може да биде поткопана од власта преку Управата безбедност и контраразузнавање која, стои во тектот, ги има средствата за мешање во кривичните истраги. Експертите додаваат дека „фамилијарната поврзаност помеѓу високо позиционирани политичари и носители на високи фунцкии во УБК, како и во Јавното обвинителство создаваат ризична средина за конфликт на интереси.“

„Претставува извор на загриженост фактот дека, до сега, кривичните гонења кои произлегуваат од скандалот се чини дека се селективни и се поврзани исклучиво со чиновите на создавање, стекнување, емитување и објавување на прислушкуваните разговори, но не и со многуте потенцијални кривични или на друг начин незаконски дела откриени во содржината на самите прислушкувани разговори“, стои во извештајот на групата предводена од Рајнхард Прибе.

Од друга страна од Основното јавно обвинителство велат дека „надлежните јавни обвинители спроведуваат независна постапка по сите предмети.“

-Евентуална итност или разлика во динамиката на постапувањето ја определува карактерот на предметот во смисла на тоа што притворските предмети се работат побрзо од предметите во кои нема определено притвор – изјавија од таму.

Како што велат, во моментов има 29 предмети кои се отворени по поднесена кривична пријава или по допрен глас, а во врска со наводите од прес конференциите на СДСМ.
На прашањето дали се повикани на разговор функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, од таму ни одговорија дека се сослушани само дел од пријаваните лица, вклучително и подносители на пријавите, сведоци и други лица од кои можат да се добијат потребни информации.

Сепак, информираат од таму, се уште не е донесен ниту еден обвинителен акти, со оглед на тоа што, додаваат, предметите се во истражна постапка.

Основното јавно обвинителство се уште не утврдило ниту дали аудио снимките кои ги објави опозицијата се автентични и одговорија дека постапката е во тек.

Првата „бомба“ на опозицијата беше објавена на 9-ти февруари, односно пред пет месеци. Првото апсење во случајот „Пуч“, пак, беше спроведено на крајот од јануари, а за на 5-ти август е закажано првото рочиште против петмина обвинети, вклучувајќи го и Зоран Заев. Обвинителниот акт ги товари за шпионажа, незаконско прислушување и насилство спрема државни функционери.

За потсетување, експертите предводени од Прибе констатираа дека не е сериозно оспорена автентичноста на прислушкуваните разговори.

„Справувањето со бројните постоечки или следни случаи и истраги поврзани со сегашната криза претставува особен предизвик и ќе биде тест случај за функционирањето на судството и јавното обвинителство на земјата на ефикасен, независен и непристрасен начин“, порачаа тие.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Крвава забава во Книн – рачна бомба експлодираше во стан, 25-годишник загина

А1он

Тревога во пет авиони на „Делта ерлајнс“: „Никој нема да преживее“

Горан Наумовски

Поради дојава за бомба, полицијата го евакуира „Сава центарот“

Бомба тешка 250 килограми е пронајдена кај Нова Градишка

Експлозија во судница во Калифорнија, двајца повредени

Претседателството на БиХ добило дојава за поставена бомба

Горан Наумовски