Обвинети во Агент: 30 милиони евра е причината за затвор

Од:

Поранешниот шеф на ДБК, Слободан Богоевски, Владо Пешликовски и Васко Томановиќ сите обвинети во „Агент“ тврдат дека причина поради која се во затвор се парите а не криминал.

Во писмо до медиумите тие обвинуваат дека „фамилијата“ која владее со Македонија преку своите судии ги обвинила и осудила за да се дограбаат до 30 милиони евра буџетски пари во име на оф-шор компанија од Кипар сопственост на бизнис партнерот на власта Димитрас Кондоминас.

Писмото на Слободан Богоевски, Владо Пешликовски и Васко Томановиќ ви го пренесуваме во целост:

„Случај „Агент“ или криминално – политичка конструкција на власта

Со пресуда на Апелациониот суд – Скопје, деновиве потврдена е првостепената пресуда на Основниот суд Скопје I – Скопје, со која се прогласени за виновни и осудени на различни казни петмина од случајот кој власта го нарече „Агент“. Оваа пресуда, која ќе влезе во аналите на судството во Македонија, е еклатантен пример на суспензија на законите и груба повреда на Уставот на Република Македонија од страна на Јавниот обвинител за гонење на организиран криминал – Скопје, Јован Илиевски и судечките судии во Основниот и Апелациониот суд во Скопје.

Имено, по налог на „фамилијата“ која владее со извршната, законодавната и судската власт во Македонија, Јован Илиевски започна постапка за гонење на организиран криминал кој, наводно, сме го сториле ние, иако знаел дека не постои ниеден факт и доказ за тоа. Противправно бевме лишени од слобода и притворени цели 8 месеци, без основ и без било какви причини кои го оправдуваат тоа, со голо наведување дека има право Обвинителот да побара, а Истражниот судија да определи притвор, согласно одредбите на Законот за кривична постапка.

Нажалост, кривичниот совет во Основниот суд Скопје I – Скопје, буквално препишувајќи го Обвинителниот акт, ги прогласи за виновни и осуди сите лица кои беа обвинети. Апелациониот суд само го потврди препишаното. Овој криминално – политички мотивиран и конструиран случај, изведен е со груби прекршувања на Законот и суспензија на со Устав загарантираните човекови права и слободи на граѓаните. Постапката ја поведе Обвинителот Јован Илиевски, познат како „баџанакот“ во фамилијата, кој е СТВАРНО НЕНАДЛЕЖЕН да постапува во делата за кои побара истрага и подигна Обвинителен акт според чл. 31 од Законот за јавно обвинителство, иако знаеше дека нема факти, ниту докази за сторено кое било друго казниво дело.

Истражниот судија, Владимир Туфекџиќ, препишувајќи го барањето на Обвинителот, определи притвор за тројца од „осомничените“, грубо кршејќи го Законот за кривична постапка и Кривичниот законик на Република Македонија. Кривичниот совет на Основниот суд Скопје I, иако знаеше дека не постојат основани сомневања за какво било сторено казниво дело, дека ниту обвинителот, ниту судот биле стварно надлежни да постапуваат, според непостоечко казниво дело од Кривичниот законик на Р. Македонија, како и со груба, ретроактивна примена на одредбите од Кривичниот законик за проширена конфискација, ги прогласи за „виновни“ обвинетите и донесе осудителна пресуда.

Апелациониот суд експресно го аминуваше тоа, потврдувајќи ја првостепената пресуда. Но, зошто сето ова го конструираше и изведе „фамилијата“ која владее со Македонија и која, меѓу другите злодела, ја суспендира независноста на судската власт? Одговорот лежи во ПАРИТЕ. За да се дограбат до 30 милиони евра од буџетот на Република Македонија, во име на анонимна, оф – шор фирма од Кипар, сопственост на бизнис партнерот на фамилијата, Димитрис Кондоминас, власта го конструираше овој случај.

Скопје, 12.12.2014г.
Слободан Богоески
Владо Пешликоски
Васко Томановиќ

Би можело да ве интересира

Русите го уапсија украинскиот агент кој разнесе два воза во Сибир

Поранешен агент на ЦИА сексуално злоставувал и дрогирал 20 жени

Горан Наумовски

Слободан Богоевски доби две години затвор

Ана Ололовска

Богоевски: Се што направив е легално

Емир Латифовиќ

Богоески доби нови 30 дена притвор

Емир Латифовиќ

Митја Валиќ – од владин функционер до притвореник во „Агент“

Ана Ололовска