Град Скопје денеска објави јавен повик за пријавување такси-возачи за посетување обука за изучување англиски јазик на кој може да се пријавуваат такси-возачи вработени во правни лица лиценцирани за такси-дејност од Град Скопје.
Обуката за изучување англиски јазик опфаќа посетување предавања кои ќе ги вршат професори по англиски јазик и ќе содржи 80 часови, односно 40 блок часови. Трошоците за обука ќе се обезбедат од градскиот буџет.
Како што информираат надлежните, право на учество на јавниот повик имаат сите такси-возачи вработени во правни лица лиценцирани за такси-дејност од Градот Скопје, но да не се постари од 62 години.
Заинтересираните таксисти треба да поднесат пријава до Архивата на Град Скопје во барака број 16 (пријавата може да се подигне од Архивата или да се преземе од интернет-страницата www.skopje.gov.mk. Кон пријавата треба да се достави копија од лична карта и копија од М1/М2 образец за лицето што се пријавува.
Пријавите може да се достават во рок од 45 дена од денот на објавувањето на јавниот повик, а пријавените кандидати ќе бидат известени за периодот, местото и условите за одржување на обуката за изучување англиски јазик.