Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска изјави дека радарот на скопскиот аеродром е ставен во фунција, оти е најден резервен дел и проблемот е решен во рекордно време од само три дена. Но, вели, притоа било констатирано дека изминатите години тој работел на само еден канал. Дополнително, нагласи Николоски, радарот е стар 27 години и минатата влада не донела одлука да се монтира новиот радар. Тој притоа најави дека на следната седница на Владата ќе биде донесена одлука тој да биде монтиран што е можно поскоро. Во трите дена додека се решавал проблемот со радарот, потенцира Николоски, не била доведена во прашање безбедноста на авиосообраќајот за што, како што истакна, говори и тоа што ниту една авиокомпанија не ги откажала летовите.
-Би сакал да споделам убави добри вести, а тоа е дека од утрово радарот е ставен во функција, и проблемот е решен. Така што, од утрово имаме целосно функционален радар на Скопскиот аеродром и на тој начин проблемите се решени. Би сакал да кажам дека успеавме проблемот да го решиме во рекордно време од само три дена и уште повеќе да детектираме една работа која што не беше позната на јавноста, а тоа е дека и досега, седум години наназад овој радар работел само со еден канал. Во овие три дена, со заедничка координација на повеќе ресори од Владата, благодарност до сите, како и на премиерот, но и благодарение на активната работа на раководството на МНАВ, на сите стручни лица во МНАВ, како и во пријателска соработка со неколку странски држави успеавме да најдеме решение и двата канали се во функција. Значи не еден, туку два канали имаме функционални, рече Николоски заблагодарувајќи се притоа и на контролата на летање од Бугарија, и на италијанската Влада.
Вицепремиерот нагласува дека во следниот период не постои ни теоретска можност за било што да се случи.
-Она што исто така сакам да кажам е дека мислам оти опозицијата мора да е многу внимателна кога изнесува информации во јавност, пред се, коишто се од безбедносен карактер, затоа што последно нешто што ни треба да се создаде паника меѓу населението. Сите безбедносни протоколи беа испочитувани овие три дена, и гледате најнормално полетуваа и слетуваа на аеродромот во Скопје авиони од сите авиокомпании. Ниедна не откажа, затоа што сите безбедносни протоколи беа испочитувани и така ќе продолжи да биде и во иднина, рече вицепремиерот Николоски.
Според него, суштинското прашање е зошто тој радар е стар 27 години.
-За него престанале да се произведуваат делови пред седум години, односно на 20-тата година од инсталирањето на радарот веќе не се произведуваат резервни делови и навистина е чудо како успеавме да најдеме резервни делови. Во исто време сакама да прашам зошто претходната влада на СДСМ не го инсталираше, не го монтираше целосно новиот радар којшто е пристигнат во Скопје од компанијата Леонардо и стои немонтиран. И еве да најавам на следната седница на Влада во вторник ќе донесеме одлука со којашто ќе пристапиме кон монтирање на радарот, така што ќе имаме целосно нов радар за контрола на летање, рече Николоски.
Истакна дека денеска од 12 часот напладне Скопскиот аеродром има функционален радар.
-Јас денеска слетав на Скопскиот аеордорм. Така што и тоа е една гаранција за безбедност, што сум решил и јас да го користам скопскиот аеродром, рече вицепремиерот и министер за транспорт Николоски во одговор на новинарско прашање по увидот во реализација на инфраструктурни проекти во Општина Кавадарци.