Како ЕУ делегација ќе се фокусираме да и помогнеме на Северна Македонија да ги испорача реформите, меѓутоа постои голем моментум во процесот на проширување што треба да го искористите, изјави денеска евроамбасадорот Михалис Рокас по посетата на Куманово.
-Во Бугарија има нова Влада, тоа е факт, и ги видовме пораките што се разменија за честитки за новата влада, ние го поздравуваме ова. Од наша страна како ЕУ делегација ќе се фокусираме да и помогнеме на земјата да ги имплементира реформите. Како што кажав, постои голем моментум и голема можност во процесот на проширување, треба да се искористи тој моментум, рече Рокас, во одговор на новинарско прашање дали по изборот на нова влада во Софија, се очекува Северна Македонија и Бугарија да седнат на маса за решавање на проблемот и дали ЕУ би се нашла во улога на медијатор во тој процес.
Рокас потсети дека постои интензивна дипломатска активност за евроинтеграциите на земјава.
-Премиерот веќе на двапати беше во Брисел во декември, така што има интензивна дипломатска активност во овој момент, меѓутоа, паралелно со овие дипломатски напори за надминување на прашањето со Бугарија нашиот фокус ќе биде да се фокусираме на спроведување и испорака на реформите кои исто така произлегуваат од Реформската агенда која неодамна беше усвоена од вашата Влада, нагласи евроамбасадорот.
Во поглед на очекувањата за Западен Балкан со стапувањето на новата американска администрација, Рокас вели дека секоја иницијатива за унапредување на патот кон ЕУ е добредојдена.
-Не е до мене да ја коментирам посетата на премиерот на САД, но САД се многу важен контрибутор и партнер на земјата и секоја иницијатива што доаѓа од другата страна на Атлантикот, со цел да се напредува во евроинтеграцискиот процес на државата, е повеќе од добредојдена, оценува евроамбасадорот.
Бугарскиот премиер Росен Жељазков на средба со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, искажал поддршка за проширувањето на ЕУ, но според принципот на сопствени заслуги, односно исполнети обврски, пренесува БТА. Претседателот на Бугарија Румен Радев, пак, во телефонски разговор со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалог меѓу Белград и Приштиа, Мирослав Лајчак, изразил надеж дека „државниот врв на Република Северна Македонија наскоро ќе покаже политичка волја за спроведување на европскиот консензус од 2022 година и со тоа ќе го отвори патот на земјата кон преговори за полноправно членство во ЕУ“.