На трибината насловена „Евтини студентски приказни“, организирана од Младински образовен форум, дискутираа Студентскиот правобранител (Симона Јандревска) и претставници од Студентскиот парламент на УКИМ (Марија Василевска), МОФ (Марија Мирчевска), студентското списание „Излез“ (Даниела Атанасова) и студентското движење „Слободен Индекс“ (Дејан Лутовски).
Дискусијата околу моменталната состојба во студентското организирање на УКИМ ги претстави ставовите на младинските организации како и нивните идеи како би можело да се унапреди истото.
Од СПУКМ сметаат дека постојниот вид на студентско организирање е во ред и одговара на потребите на секој студент, а за разлика од нив, претставниците од другите младинските организации посочуваат дека студентското организирање треба се реформира внатрешно и структурно.
Марија Мирчевска од МОФ, за А1он посочи дека еден од најголемите проблеми е избирањето на претседател на СПУКМ.
Таа објасни дека најмногу треба да се работи на тоа како да се спроведат вистински избори на матичните факултети.
Овие избори би биле со голем одзив на студентите, а истите предходно би биле запознаени со кандидатите и системот на функционирање на студентските парламенти на УКИМ.
Марија Василевска која како организационен секретар на СПУКМ учествуваше на трибината, за А1он изјави дека постојното студентско организирање му одговара на секој студент и дека не треба да се промени. Според неа во функционирањето на студентското организирање денес има деморкратија но како што вели:
„Примаме критики, пред се конструктивни и затоа се појавивме на оваа трибина. Меѓутоа вложуваме напори да работиме повеќе и на отчетноста и транспарентноста“.
На трибината претставниците се обидоа да ги детектираат проблемите во студентското организирање, а како што изјави Дејан Лутовски од „Слободен индекс“ студентите се свесни дека состојбата е на многу незавидно ниво.
Најголемите забелешки на претставниците и на студентите во публиката беа дека официјалниот претставник на студентите во Студентскиот парламент се бира на чуден начин со не легитимни избори.
„Неговата работа е крајно не транспарентна и од страна на студентите се добива впечаток дека оние кои се поставени таму сакаат само да го канализираат студентскиот гнев. Целиот тој систем константно се репродуцира со одредено привилегирано малцинство кое ги држи конците во свои раце. Студентите ја чувствуваат таа институција односно Парламентот како одвоен од нивните интереси и одвоен од нивната потреба за бранење на студентските права“, вели Лутовски од „Слободен индекс“.
Марија Мирчевска вели дека и после оваа трибина сепак кај Студентскиот парламент не постои волја да ги олесни критериумите за пријавување на избори, а тоа значи дека сеуште од нивна страна нема желба за реформа со која ќе се отвори системот на студентско претставување.
Финансиската транспарентност како и нетранспарентноста во носење на одлуки е проблемот кој го посочуваат претставниците од МОФ, „Слободен индекс“ и студентскиот весник „Излез“.
Тие сметаат дека Студентскиот парламент во иднина треба да стане по транспарентен и да ги застапува идеите, правата и интересите на што повеќе студенти.
Од „Слободен индекс“ предложуваат еден нов модел на алтернативен начин на студентско самоорганизирање по пат на директна демократија. Оваа пленумска демократија би му овозможила на секој заинтересиран студент директно во својот матичен факултет да учествува во одлуките за проблемите и прашањата кои ги засегаат студентите. Според ова би постоеле секторски пленуми каде секој студент доколку има потреба би можел да ги изнесува своите ставови, да партиципира и да се ангажира.
Лутовски вели дека за овој модел може да има забелешки дека е побавен, но сепак според него со тек на време доколку се практикува, моделот може многу добро да функционира. Ваков тип на студентско самоорганизирање по пат на директна демократија во регионот има во Србија, Хрватска и Грција.
„Од МОФ се залагаат за претставнички модел. Овој тип на модел постои моментално, но е базиран на делегатски принцип“, објаснува Мирчевска.
Според неа предлогот на „Слободен индекс“ за формирање на пленум е добро решение кога се работи за критични настани, кога студентите се организираат и мобилизираат во протести и акции по одредени прашања. Но, во однос на тековното функционирање, од МОФ сметаат дека претставничкиот модел може да биде подобар се додека се спроведува по одредени стандарди.
Даниела Атанасова од студентското списание „Излез“ вели дека тие работат на информирање и следење, а не на промовирање модели.
„Студентскиот парламент треба да биде полегитимен, по транспарентен и повистински застапник на студентите. Со тоа треба да се вклучат и другите младински организации, да се скрши монополот и да излезат на виделина искрените намери на оние кои сакаат да се залагаат“, вели Атанасова за А1он.
Темјана Поповска