На земјава ѝ недостигаат 52 тимови за итна помош за да се задоволи законскиот минимум

Од:

Во земјава недостигаат 52 екипи за итна медицинска помош за да може да се задоволи барем законски пропишаниот минимум на тимови што треба да ги има еден медицински центар во зависност од бројот на жители што ги опфаќа, покажа најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации за капацитетите на итната медицинска помош во земјава.

Според истражувањето на Центарот, во моментов земјава располага со 258 тимови за итна медицинска помош и овој број наместо да се зголемува, секоја година се намалува. Така, во однос на состојбата во 2015 година, кога е донесена последната уредба со која се предвидува минималниот број тимови што треба да го има секој здравствен центар, бројот на тимови за итна помош е намален за 22.

Инаку, Уредбата за мрежата на итна медицинска помош утврдува дека секој здравствен дом кој опфаќадо 30.000 жители треба да има најмалку 5 тимови за итна медицинска помош. Доколку здравствениот дом покрива повеќе од 30.000 жители, тогаш треба да има најмалку по еден дополнителен тим на секои дополнителни 10.000 жители.

Иако последниот попис на населението покажа помал број жители во земјава, а со тоа и помалку потребни минимум екипи на итната помош, сепак на половина од вкупно 33-те служби за итна медицинска помош во земјава им недостигаат вакви тимови за да се запази законскиот минимум.
Според податоците добиени од центрите, најлошо во овој поглед стојат Скопје, каде недостигаат 18 тимови за итна помош и Тетово, каде недостигаат 10 тимови за да се дојде барем до минимум потребните. По пет тимови им недостигаат на Куманово и на Струга.

Законскиот минимум со тимови за итна медицинска помош го задоволуваат 6 градови: Виница, Демир Хисар, Крива Паланка, Пехчево, Свети Николе и Штип.

Повеќе од минимумот имаат 11 здравствени центри, меѓу кои најдобро во овој поглед стојат Битола, Делчево со Македонска Каменица, Кичево и Кочани – секаде има дури по 3 или 4 тимови повеќе отколку што предвидува законскиот минимум.

Постојат огромни разлики во бројот на жители што ги покрива итната медицинска помош. Најлошо стојат Струмица и Тетово, каде еден тим „покрива“ дури по околу 40.000 жители дневно. Куманово и Скопје се следни со покриеност на еден тим на околу 30.000 жители дневно.

Најдобро “покриени“ со итна медицинска помош се жителите на малите центри како Вевчани, Пехчево и Ростуше каде еден тим покрива по нешто повеќе од 1.000 жители дневно. Од поголемите градови, добро стојат Крива Паланка, Неготино, Делчево и Македонска Каменица – каде еден тим покрива по околу 4.000-5.000 жители дневно.

Најмногу вработени во службата за итна помош во однос на бројот на население неспоредливо има Вевчани каде има еден вработен на 79 жители. Спротивно, најслабо со кадар во итната помош стојат Тетово, каде има еден вработен на 4.172 жители и Скопје и Куманово каде има еден вработен на повеќе од три илјади жители.

Само за споредба, просекот во земјата е 1350 жители на еден вработен во службата за итна медицинска помош.

Тимовите за итна помош работат во смени, најчесто во две смени по 12 часа или во три по 8 часа секоја смена. Еден тим се состои најчесто од доктор, сестра и возач. Но, освен во Скопје, каде има 9 тимови во една смена, во сите други градови има само по еден или два тима во една смена, освен Битола каде постојано има 3 тимови.

Во интервенции спаѓаат не само оние на итната медицинска помош, туку и на домашната посета и интервенции во дежурната служба.
Скопје, како најголем здравствен центар, има и најмногу интервенции на службата на итна медицинска помош – околу 150.000 годишно или 404 просечно дневно. Но, од сите други градови, според бројот на интервенции отскокнува Велес каде во 2022 година имало дури 59.000 интервенции или просечно по 162 интервенции дневно.

Ниту еден здравствен центар нема евиденција колку вкупно телефонски повици добива со барање за итна помош. Се знае само на колку повици одат. Оттука, не може да се дојде до можеби клучната бројка – на колку од повиците со барање за брза помош всушност доаѓа екипа.

Би можело да ве интересира

Скопската Итна помош доби седум амбулантни возила како донација од ЕУ

Ќе се набавуваат 22 нови амбулантни возила, најголема набавка за итната помош во историјата се пофали Меџити

Пронајдено украденото возило на Итната помош во Кочани

Катерина Ѓуровски

Најмалку 11 лица загинаа, a 34 се повредени во автобуска несреќа во Хрватска

Горан Наумовски

Ќе се воведе единствен број за сите итни служби – 112

Жарко Настоски

Зголемен бројот на повици и интервенции на Итната медицинска помош

Татјана Ташкова