На погрешната адреса пишана на сајтот била испратена четвртата кандидатурата за директор на Академијата за судии и обвинители

Од:

Кандидатурата на Андреј Димовски стигнала час и половина пред седницата на Управниот одбор која се одржа вчера, а на која не се избра директор. Ова го потврдуваат од Академијата за судии и јавни обвинители за „А1он“. Адресата на која пратката била испратена е онаа погрешната која стоела како официјална на веб-страницата: „Јане Сандански, бр. 2“, наместо точната со број 12. Но за академијата ова не е причина што кандидатурата ја немало. Погрешната адреса за седиштето била коригирана во текот на вчерашниот ден. Другите кандидатури на тројцата кандидати, стигнале навреме.

„Нашата веб-страница беше во изработка. Каде што ја работеле, ја згрешиле бројката. Тоа воопшто не е проблем за пристигнување на документите, бидејќи, нас поштар не ни ги носи документите, туку имаме поштенски фах. И да нема адреса, да е само адресирано до Академија за судии и јавни обвинители, стигаат, по фах“, вели Сања Пандилов, државен советник во Академијата.

Кандидатурата од страна на судијата Димовски била испратена во законскиот рок даден во огласот. За тоа е децидна и Пандилов, како претставник на Академијата.
Таа за „А1он“ додава дека реакција имало и од четвртиот кандидат, судијата Андреј Димовски од Граѓанскиот суд.

Според неа, кога тој видел дека во медиумите се споменуваат само три кандидати за директори, а неговата кандидатурата е изоставена, се јавил за да види што се случува. По ова, државната советничка во Агенцијата почнала потрага по пратката.

„Завчера вечерта, судијата Андреј ми се јави бидејќи видел по медиуми дека се кажува кој се пријавил и ми кажа: ‘Само три имате добиено’, викам: ‘Да’. Ми рече: ‘И од мене ќе добиете, веројатно доцнат, но благовремено ми е поднесено’. Реков: ‘Во ред, нема проблем’. Другиот ден, изутрината, го пратив поштарот во пошта, ја немаше пријавата. Потоа, му се јавив на судијата да го даде Р-бројчето кое го пратил. Тој ми го прати и тогаш забележав.. Во пошта се најде кој е Р-бројот, пратката ни ја ставија во фахот, бидејќи се јавивме и кажавме дека има. Во 13:30 отиде курирот, ја зеде пратката. Јас на судијата му реков: ‘Ова адресата е?’, тој ми рече: ‘Од веб-страната ја најдов’. Бидејќи човекот мене ми се јави и за огласот, јас бев во странство и кажав дека е на веб-страницата. Таму ја видел и адресата. И ми кажа: ‘Сања, јас адресата ја видов од веб-страницата’. Вчера на колешката која им дава материјали на тие кои ја прават страната, ѝ реков јави се да ја сменат адресата, згрешена е. Ја сменија. Адресата не е проблем, поштар не ни носи пошта. Кога ќе видат ‘Академија’ го ставаат во фах“, се правдаат од Академијата за судии и јавни обвинители.

Академијата не гледа вина кај себе, туку кај поштата. Пликот не бил прецртан, па така, Пандилов смета дека пликот со кандидатурата не завршил на погрешна адреса, која пак, била впишана. Според нејзе, во „Пошти“ се воделе според називот на институцијата кој е пишан, а не според адресата која е оставена на пликот, кога доставуваат пратки.

„Секој ден го праќаме нашиот курир оди до фахот 2 до 3 пати. Кога има огласи, оди почесто, за случајно да не стигне нешто подоцна. Пошта се носи до 12 часот и се распределува, по 12 стигнува во нареден ден. И го праќаме и околу 13-14 часот. Пратката на судијата не била пуштена како препорачана“, посочува Пандилов од Академијата за судии и обвинители.

Доколку се прегледа сајтот на „Пошта“ преку која е испратена кандидатурата на судијата, може да се забележи дека тие доставуваат пратки според адреса.

„Пратка за кореспонденција претставува комуникација во писмена форма на било каков физички медиум која треба да се пренесе и достави на адресата означена од испраќачот на самата пратка“, стои на сајтот од „Пошта“.

Од Академијата пак, посочуваат случаи и со други институции кога поштата не им стигнала на време. Но, во тие случаи немало погрешна адреса, туку пратките биле адресирани до Академија за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

„Од правда имавме три пликоа за номинација на членови на Управен одбор, ревизија и завршен испит. Пратките повеќе од десетина дена не стигнаа. Скопските сите доцнат, од други градови стигаат во еден ден. Вина е на поштата. Јас ќе ви покажам и случај, каде во Министерство за правда барам номинации, тие велат дека е потпишано, во исти ден пуштени, кај нас во различни денови. Си има постапка за сѐ. И да се одлучи и да стигне дополнителна, навремена му е на човекот, ќе се земе во предвид. Врска нема адресата, важно е да е навремена“, додава Пандилов.

За грешката на веб-страницата во делот на адресата, одговорност нема да сноси никој. Поправена е, посочуваат од Академијата, кои пак велат дека страницата уште не е официјално пуштена во употреба, иако секој може да отвори и да пребарува, а информациите на неа за јавноста се официјални.

„Сајтот ни е во изработка. Не ни е предаден, ни прават обука. Пуштен е за основни работи. Не сме направиле примо-предавање. Нема рок во кој треба да биде изработен“, посочува Пандилов.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ поднесе пријава до ДКСК против Академијата за судии и јавни обвинители за прекршување на Изборниот законик

Академијата за судии и обвинители објавила погрешна адреса додека примала кандидатури за директори, па ја променила откако огласот завршил

Кристијан Ландов

Имаат ли Адеми, Герасимовски и Рајевска легитимитет да бираат директор на Академијата за судии и обвинители, молк наместо одговор

Кристијан Ландов

ВМРО-ДПМНЕ: Синот на Талат Џафери полагал правосуден испит пред да стекне соодветно образование, институциите молчат и се прават ненадлежни

Герасимовски и Рајевска донесоа црвен картон: Рејтингот на судскиот и обвинителскиот совет е толку лош што ако имаат интегритет треба да си поднесат оставки

Кристијан Ландов

Герасимовски и Рајевска незаконски избрани во Управен, судскиот и обвинителски совет како на пазарче со толкувањето закони