На Клиниките за кардиохиругија и урологија утрово започна трансплантација на срце и бубрези од починат донор, објави на својот Фејсбук профил министерот за здравство Венко Филипче.
– По интензивни подготовки во текот на ноќта, рано утрово беше завршена експлантацијата на срце и бубрези од донорот. Сите неизмерно благодариме и се поклонуваме пред огромната човечка хуманост на 42-годишната пациентка која ја загуби битката со животот ѝ ја исполнуваме нејзината последна желба – нејзините органи да бидат донирани. Трансплантацијата на срце се врши кај пациент кој подолго време е на листата за трансплантација, а бубрезите ќе бидат трансплантирани кај двајца пациенти на 40-тина години кои се на дијализа, напиша Филипче.
Министерот дополнува дека почнувајќи од мај 2020 до сега извршени се експлантации од седум починати донори, а трансплантирани се пет срца, 12 бубрега, едно коскено ткиво.
– На моите колеги од КАРИЛ, Клиниката за каридохирургија, Клиниката за урологија, Клиниката за кардиологија, Клиниката за нефрологија, Институтот за трансфузиона медицина и Институтот за радиологија, им посакувам успешна работа. Сочувство до семејството на 42 годишната пациентка и неизмерна благодарност за нивната хуманост и добрина, додава министерот Филипче.