Студентите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) добија нова лабораторија за клауд компјутинг, со опрема во која Владата инвестираше девет милиони и 300 илјади денари.
– Со новата опрема студентите ќе може да ги развиваат своите знаења за создавање клауд компјутинг и да ги извршуваат сите процеси поврзани со тоа, изјави денеска премиерот Никола Груевски по промоцијата на лабораторијата.
Според Груевски, опремата на студентите ќе им помогне и при создавање магистерски и докторски трудови, а во иднина се предвидува и соработка со индустријата во проверки на разни експериментални работи поврзани со клауд компјутинг. – Можеби понатаму и за други услуги од кои факултетот ќе има приходи, со кои ќе ја одржува опремата и ќе може да набавува дополнителна, рече Груевски.
Новата опрема, нагласи премиерот, е дел од проектот за набавка на околу 90 лаборатории што се веќе во функција на факултетите низ државата.
На промоцијата на лабораторијата присуствуваа и министерот и заменик министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми и Спиро Ристовски и деканот на ФИНКИ Димитар Трајанов.