Граѓанската асоцијација МОСТ ќе ги следи предвремените парламентарни избори со повеќе од 3.000 набљудувачи. На гласачките места ќе бидат распоредени 2.664 набљудувачи кои ќе покријат околу 55% од гласачките места во Република Македонија.
Набљудувачите на МОСТ ќе бидат статични, и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање на гласачките места. Покрај тоа, МОСТ ќе има и 120 мобилни тимови, составени од двајца набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги набљудуваат повремено оние места на кои МОСТ нема статични набљудувачи.
Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.
Покрај гласањето на 11 декември, МОСТ денес го набљудува и предвременото гласање на болните и немоќни лица, внатрешно раселените лица и лицата во затвор или притвор, како и гласањето во 18 дипломатско-конзуларни претставништва, и тоа во: Њујорк, Чикаго, Детроит, Торонто, Мелбурн, Копенхаген, Брисел, Хаг, Париз, Берлин, Бон, Минхен, Берн, Виена, Рим, Венеција, Љубљана и Белград.
Жолтите маички со долги ракави, на кои на предната лева страна стои логото на МОСТ и е испишано “Мониторинг 2016“, овластувањата од МОСТ и акредитациите од ДИК, истакнати на видно место, ќе бидат препознатливиот белег на граѓаните кои како домашни набљудувачи се дел од тимот за набљудување на Граѓанската асоцијација МОСТ. Обележјата на набљудувачите оваа година се разликуваат од тие од претходните години. МОСТ потенцира дека набљудувач на организацијата е единствено оној граѓанин кој носи маица, овластување и акредитација исклучиво за овие избори.
Во текот на денот, граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, може тоа да го сторат преку бесплатната телефонска линија 080 080 080 или преку интерактивната веб-платформа neregularnosti.most.org.mk.
Сите потврдени информации од набљудувањето на денот на изборите, МОСТ ќе ги соопшти на четири конференции за јавност, кои ќе се одржат во 9, 11, 14 и 19 часот. По завршувањето на гласањето ќе биде закажана дополнителна прес-конференција на која ќе бидат објавени проекциите од паралелното пребројување на гласовите (ПВТ).
Согласно новото Упатство на ДИК, им укажуваме на гласачите дека се гласа само со заокружување, со пенкало со сино мастило. Ако има било каков друг знак или друга боја, ливчето ќе се смета за неважечко.
Граѓанската асоцијација МОСТ упатува уште еден апел за одржување на фер, демократски и мирен изборен процес, кој што им е повеќе од потребен на граѓаните на Р. Македонија. МОСТ ги повикува граѓаните да излезат и да гласаат по сопствена волја затоа што гласањето е слободно, а тајноста на нивниот глас е загарантирана.