Сто и девет лица истапиле со предлози и барања на телефонската линија за повредените од трагедијата во Кочани, беше соопштено на денешната прес-конференција во Владата, на која зборуваа владината портпаролка Марија Митева, доктор Катерина Мирчовска, в.д. директор на болницата во Кочани и доктор Гордана Георгиева.
– До овој момент, Канцеларијата на претседателот на Владата, има остварено контакт со 109 лица, истакнувајќи ги нивните барања и предлози, информираше Митева.
Таа појасни дека најмногу од нив биле во врска со здравствени надополнувања и потреби што им се неопходни во овој момент или ќе бидат во периодот што следи.
Се барало да се скрати периодот за одење од Кочани до Скопје за пулмолошки преглед, имало јавувања и за медицинските потреби како од креми, завои, да ги има во кочанската болница, за пациентите да не ги бараат потребните работи по аптеки.
– Ова не е краткотрајна поддршка, ова е процес што ќе трае, Владата се труди да го овозможи најдоброто за сите пациенти, истакна Митева.
Во однос на Пониква, што ќе биде рехабилитациски центар за повредените во пожарот во дискотеката Пулс, како што беше кажано, технички одморалиштето ќе биде комплетно оспособено до крајот на оваа недела.
Оперативниот план бил во завршна фаза и засега бил заземен став да се прави рехабилитација во групи што ќе траат две недели, односно 14 дена.