Минчев: Мораме да го дестигматизираме терминот административец и да го трансформираме во професионалец во јавна служба

Од:

Најважниот елемент во реформата на јавната администрација е човечкиот капитал, кој не е само ресурс, туку институционална меморија и лицето на државата пред граѓаните, вложувањето во знаење не треба да се гледа како трошок, туку како капитална инвестиција, која ќе ги зајакне институциите, ќе ја подобри услугата кон граѓаните и ќе придонесе во евроинтегративниот процес на земјава, беше потенцирано денеска на отворањето на настанот на Тематската група за управување со човечки ресурси и професионален развој (HRMPD), насловен „Градење на капацитетите на институциите за обука на јавните службеници“, организиран од Министерството за јавна администрација, во соработка со Регионалното училиште за јавна администрација (ReSPA), Амбасадата на Франција и Центарот за управување со промени.

Целта на дводневниот настан, на кој учествуваат директори и високи претставници на институции за обука на јавните службеници од земјите од Западен Балкан и земји-членки на Европската Унија, е размена на идеи за зајакнување на институционалните капацитети, размена на добри практики и унапредување на системите за професионален развој во јавната администрација во насока на претстојното отворање на Академија за стручно усовршување, како посебен орган во состав на Министерството за јавна администрација, која ќе отпочне со работа на почетокот на 2027 година.

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев во воведното обраќање на настанот потенцира дека трансформацијата на терминот административец во професионалец во јавна служба започнува со квалитетни програми и визија која ги надминува политичките циклуси.

– Оправданоста за основање на Академијата лежи во разбирањето дека професионалноста и капацитетот на службеникот се клучни за отпорноста на цела државна администрација. Покрај оваа клучна реформска агенда, законот исто така воведува систематизиран пристап кон градењето на капацитетите, односно централизирано управување со обуката за администрација. Задолжителна обука за лица кои за првпат се вработуваат како државни службеници и спроведување на испит по завршување на оваа обука. Исто така се воведува и стандардизација, а тоа е поставување на јасни критериуми за тоа кој спроведува обуки и методологија и како се спроведуваат обуките. Понатаму мерење на ефектите. Наместо само квантитет се фокусираме на квалитетот и влијанието на ученото врз работењето на службениците. Очекувањата од овој закон се високи. Очекуваме крај на импровизациите и почеток на една нова ера каде стекнатите знаења, вештини и покажаните резултати на службениците ќе бидат директно поврзани со нивното напредување во кариерата. Нашата задача е да создадеме култура на доживотно учење. Мораме да го дестигматизираме терминот административец и да го трансформираме во професионалец во јавна служба. Тоа започнува со квалитетни програми, соодветни обучувачи и визија која ги надминува политичките циклуси, рече Минчев.

Тој посочи дека фокусот, кога се зборува за јавната администрација, често се става на процедури, законски решенија или пак дигитализација на процеси, но, како што рече, вистината е дека ниту една реформа не може да успее без најважниот елемент, а тоа е човечкиот капитал.

– Во администрацијата човечкиот капитал не е само ресурс. Тоа е институционална меморија и лицето на државата пред граѓаните. Вложувањето во знаење не треба да го гледаме како трошок, туку како капитална инвестиција. За една земја кандидат за членство во Европската Унија, како што е нашата, ова е прашање на опстанок во новиот систем. Европските стандарди не се само правни рамки, тие се начин на работа кој бара компетентни, етични и високо обучени професионалци, истакна Минчев.

Тој посочи дека како држава којашто силно се залага за членство во Европската Унија, реформите не се спроведуваат само да се означат како исполнети барањата од Брисел, туку за да се изгради систем кој ќе биде компатибилен со европскиот административен простор, каде што службеникот е сервис, а не бариера за граѓаните.

– Нашите службеници денес се наоѓаат под огромен притисок. Од нив се бара брза адаптација на постојните законски измени, дигитална писменост во време на забрзана технологија, но и отпорност на политички влијанија преку професионален пристап. Овие предизвици може да ги надминеме со развој на капацитетите на службениците, што во крајна линија ќе придонесе за ефикасност наместо бирократија. Обучениот службеник не го следи слепо процесот, туку го разбира неговиот резултат. Знаењето носи компетентност и брзина, а со нив доаѓа и задоволството на граѓаните. Адаптација на промени, светот се менува со невидено темпо. Нашите академии мора да ги подготват службениците не за она што е администрацијата денес, туку за она што ќе биде за неколку години. Флексибилноста се учи преку континуирана едукација. Задржување на квалитетни кадри, во време кога приватниот сектор е силен конкурент, можноста за професионален развој е еден од клучните мотиви за најдобрите експерти да останат во државната служба. Луѓето остануваат таму каде што се чувствуваат вреднувани и каде што растат, порача Минчев.

Министерот истакна дека во насока на зголемување на ефикасноста на јавната администрација донесен е и пакет од четири клучни реформски закони – Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници и Законот за инспекциски надзор, со кои ќе се овозможи напредување врз основа на заслуги, поголема внатрешна мобилност и мерки за подобра мотивација и задржување на квалитетен кадар, особено во институциите вклучени во процесот на европска интеграција. Додаде дека Закон за стручно усовршување и обука на административните службеници е основата за формирање на Академија за стручно усовршување, како посебен орган во состав на Министерството за јавна администрација, која ќе отпочне со работа на почетокот на 2027 година.

Францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер нагласи дека Франција е сериозно посветена на поддршката на реформата на јавната администрација во земјава и во регионот.

– Овој денешен настан е дел од годишната програма на РеСПА, но истовремено тој е вклучен и во билатералниот проект помеѓу Франција и Република Северна Македонија за целосна поддршка на државата во нејзините напори за модернизирање на јавната администрација. Оваа заложба потекнува од минатата година кога господинот министер Минчев и јас потпишавме меморандум за разбирање помеѓу нашите институции. Првата цел на билатералниот проект беше да се поддржи фазата на подготовка за воспоставување на идната Академија за обука, како што кажа и министерот, и очекуваме да почне со работа на почетокот на 2027 година. Втората цел е да се обезбеди сеопфатен преглед на најдобрите практики во обуката на јавните службеници, не само врз основа на француското искуство, туку и искуството на други земји членки. Реформата на јавната администрација се наоѓа во сржта на процесот на пристапување кон Европската Унија и во тој поглед оваа реформа е главен столб во претпристапниот процес кон ЕУ, структурен елемент и значаен предуслов за рамката за преговарање, бидејќи е еден од главните бенчмаркови што треба да се отворат за Северна Македонија како земја кандидат за ЕУ, рече францускиот амбасадор.

Тој посочи дека и Франција е во фаза на реформи и трансформација на сопствената јавна администрација и нагласи дека реформирањето на јавните институции бара многу време, понекогаш е непопуларно, меѓутоа е многу важно да се зајакне довербата на граѓаните во јавните институции.

Заменикот-шефот на делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау истакна дека е потребно да се стави поголем фокус на моторот, кој е двигател на овој процес на зголемување на професионалноста на јавната администрација.

Нагласи дека јавните службеници треба да бидат компетентни, посветени и во тек со новите случувања. Тие треба да учат во текот на целата кариера, а тоа учење треба да биде практично преку обуки, менторство и фокус на практични вештини.

– Институциите за обука мора да бидат насочени кон вистинските потреби, да ја поддржат потребата за доживотно учење и да им овозможат на јавните службеници да ги усовршуваат своите вештини без да се наруши секојдневното функционирање при извршувањето на нивните задачи, порача заменик-евроамбасадорот.

Директорката на РеСпа, Маја Ханџиска Трендафилова ја истакна експертизата од Франција и нивната стратешка соработка со РеСПА, нагласувајќи дека од одамна станале модел и одличен пример за тоа како може билатералното искуство да се преточи во регионална јавна вредност со искористување, употребување на регионалниот пристап на РеСПА.

Напомена дека често пати институциите за обука се справуваат со недоволно ресурси, особено во процесите на управување со промени и дигитализација.

– Инвестирањето во капацитетите на институциите значи инвестирање во човечкиот капитал којшто е клучна алка во јавната администрација, но оди и подалеку од тоа. Не инвестираме само во јавните службеници, бидејќи ако успееме во смисла на екипирање на службениците со знаење, искуство, вмрежување, вредности, она што им е неопходно за справување со оваа комплексна средина на работа, но и во контекст на геополитичките случувања, тогаш ќе ги подобриме капацитетите на институциите подобро да им служат на граѓаните, нешто што ќе помогне и во нашиот евроинтеграциски пат, којшто е сонот и аспирацијата на нашата генерација и во регионот, нагласи таа.

Би можело да ве интересира

Минчев: Да го негуваме македонскиот јазик како трајна вредност и сведоштво на нашиот историски и културен континуитет

А1он

Минчев: Нема веќе доживотни функции и недопирливи позиции

Минчев: Реформата на јавната администрација е реформа на државата

Катерина Ѓуровски

Минчев: Подобрениот ПВР процес е основа за поквалитетни закони

Минчев: Св. Климент Охридски е наш потсетник на заемна поддршка и морални вредности

Минчев: Стоп за партиските вработувања

А1он