Минчев: ЕК оцени дека реформата на јавната администрација се движи со умерен напредок

Од:

Нотираните забелешки од страна на Европската Унија во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава биле тема на разговор на денешниот состанок на Секторската работна група за реформа на јавната администрација во Владата на кој учествуваше и министерот за јавна администрација Горан Минчев. На средбата станало збор и за констатираните забелешки, слабости и злоупотреби на балансерот, кој е укинат од Уставниот суд, нотирани во претходните извештаи на Европската Унија.

-Согласно последниот извештај на Европската комисија постигнувањето на реформата на јавната администрација се движи со умерен напредок. Токму реформата има клучна улога во обезбедувањето на ефикасност, транспарентност и одговорност во работата на државните институции што, пак, е есенцијално за евроинтегративните процеси на секоја земја, рече Минчев на прес-конференција во Владата по состанокот на Секторската работна група за реформа на јавната администрација.

Нагласи дека согласно извештајот имаме добро воспоставена стратешка рамка за реформа на јавната администрација, но треба да се започне со процесот за остварување на визијата за деполитизирана, ефикасна и отчетна јавна администрација што обезбедува квалитетни и лесно достапни услуги за граѓаните и за бизнис заедницата.

-Само реформирана јавна администрација придонесува кон одржлив економски раст, владеење на правото, социјална кохезија и благосостојба. Проактивно пристапивме кон реализација на мерките и активностите со утврдените рокови во акцискиот план од Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023 – 2030 година. Ќе останеме посветени Стратегијата да не остане само на хартија, туку да имаме ефикасна и целосна имплементација, потенцира Минчев.

Целта на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030 година, како што кажа, е да создадеме инклузивна и транспарентна администрација што е насочена исклучиво кон потребите на граѓаните и обезбедува квалитетни услуги.

-Граѓаните мора да имаат доверба во администрацијата и во институциите и да почувствуваат дека тие постојат и работат за нив и нивните барања, потенцира Минчев.

Правичната застапеност на етничките заедници, потенцира, е уставна категорија и во рамки на Владата постои експертска група која нотира, сугерира, забележува и дава предлози за ново законско решение кое прво би било доставено до Венецијанската комисија по што би било финализирано како законско решение.

-Исклучиво експерти работат во оваа област со цел овој закон повторно да не би подлежел на евентуални укинати членови или одредби од страна на Уставниот суд. До новото законско решение огласите течат врз база на знаење, а оние конкурси кои беа започнати врз основа на балансерот ќе се довршат, како и оние огласи за институциите кои немаат обврска за балансер, рече Минчев.

Додаде дека не треба да се брза со носењето на новото законско решение за да биде квалитетно, применливо, да има вистинска имплементација и да нема злоупотреби.

-Чуму е правичната застапеност на етничките заедници ако тие луѓе што се примаат немаат соодветен квалитет и не можат да одговорат на тоа што е најважно, а тоа се услугите кон граѓаните. Затоа ни треба многу внимателно уставно решение со препорака од Венецијанската комисија и со вистинска имплементација, посочи Минчев.

Во одговор на прашање рече дека повеќе се залага за преедуцирање на во моментов некомпетентните јавни службеници и за нивно прераспределување на работни места на кои можат да ги исполнат своите работни задачи врз основа на својот афинитет, образование и квалитет, отколку да се оди на варијанта на намалување на јавната администрација, но како што рече, постојат и други решенија. Посочи дека јавната администрација може да се намалува по природен пат, односно по однос на пензионирање, заминување од јавната администрација,…

-Тоа е предмет на дебата и можеби во иднина ќе се дојде до некои законски решенија, посочи Минчев.

За барањето на синдикатите, основа за пресметка на платите да биде просечната, а не минималната плата, рече дека не може да се исполнат барањата на сите, но може да се најде добар баланс што ќе ги задоволи страните кои преговараат.

Би можело да ве интересира

Минчев на регионален состанок во Тирана: Нашата заложба е насочена кон создавање модерна, професионална и транспарентна администрација

СДСМ: Минчев потврди дека и тој и неговата партија се безгласна буква во кабинетот на Мицкоски

Горан Наумовски

Минчев: Треба да се донесе закон за правична застапеност кој ќе биде долгорочен и применлив

Минчев: Сакаме да создадеме јавна администрација која ќе ги задоволи потребите на граѓаните и ќе биде во согласност со европските стандарди

Клучниот проблем во јавниот сектор е недоволната компетентност и стручност вели министерот Минчев

Минчев: Правичната застапеност на ентичките заедници е многу важна уставна категорија, со новото решение не треба да се брза

Катерина Ѓуровски