Минчев: Буџетот е во катастрофална состојба, ќе се бара компромисно решение за платите

Од:

Министерот за јавна администрација Горан Минчев веќе имал неколку средби со синдикатите според кои, актуелното покачување на платите од 15 проценти не е доволно. Ова прашање го отворил и во Владата, но со оглед дека состојбата на Буџетот, како што рече, е катастрофална, ќе се бара компромисно решение.

Според Минчев, сега не може со сигурност да се каже каков ќе биде исходот од преговорите.

– Мора да се водиме од повеќе ситуации за ова клучно прашање. Јас имав неколку средби со синдикатите и како што напоменавте, тоа е клучно прашање што нив ги интересира, дека практично актуелното покачување од 15 проценти на платите не е доволно за нив и де факто тоа е еден од клучните проблеми. Исто така, имав неколку разговори и тоа го отворив и на Влада. Состојбата во Буџетот во овој момент е катастрофална. Затоа, отвораме една дебата во која што би сакале да дојдеме до едно компромисно решение. Во овој момент немаме пресек во каква состојба и каква кондиција е Буџетот за да разговараме за тие клучни прашања, односно конкретно за процентот на висината на зголемувањето на платите така што, разговаравме за повеќе решенија, но во овој момент тоа ќе го оставиме за дебатата што ја планираме. Всушност тоа е една од повеќето причини поради кои ги повлекуваме трите законски решенија за администрацијата. Но, не би можел со сигурност да ви кажам сега каков ќе биде исходот на тие преговори, истакна министерот, одговорајќи на новинарски прашања.

Минчев е уверен дека ребаланс ќе има до крајот на овој или најдоцна до почетокот на идниот месец.

– Нашиот Предлог-ребаланс го дадовме во Министерството за финансии врз претходниот буџет на старото министерство, МИОА, што значи де факто процентуално средствата што се наменети во секторите на старото МИОА ги допрецизиравме во нашиот предлог-ребаланс и тие се некаде повеќе од милион евра. Тоа значи, да се заврши годината за да може Министерството за јавна администрација да функционира во полн капацитет за сите работи или за дел од нив што се предвидени во МЈА. Што се однесува за Предлог-буџетот за 2025 година секако дека во рамки на Министерството ќе имаме пообемна, поширока, поаналитична дебата во која ќе ги предвидиме срествата, а мислам дека таа дебата ќе почне некаде во септември со цел до 31 декември да биде усвоен буџетот за 2025 година. Инаку, коментарот околу состојбата во државниот Буџет не се темели на ова Министерство, туку на дебата што ја имаме во Владата и состојбите во повеќето министерства и долговите со кои е засегната Владата, актуелниот буџетски дефицит, објасни министерот.

Сојузот на синдикатите на Македонија бара покачување на минималната плата од сегашните 367 на 450 евра во првите 100 дена на новата Влада.

Би можело да ве интересира

Минчев бара ДИП да изврши вонреден инспекциски надзор во Јавното комунално претпријатие „Пиша“ од село Липково

Минчев: Кога не постоел балансерот имало поголем број на вработувања на етничките заедници

Минчев: Агрон, Фатмир и Исмет беа регистрирани како македонски имиња, Ангеле и Стојан како албански, а Зоран како бошњачко име, дел од еклатантните злоупотреби на Балансерот

Минчев: Реформите во јавната администрација се клучни за нашата европска иднина

Минчев на регионален состанок во Тирана: Нашата заложба е насочена кон создавање модерна, професионална и транспарентна администрација

Минчев: ЕК оцени дека реформата на јавната администрација се движи со умерен напредок