Утрово, 7 јануари, во 2:45 часот, токму на големиот христијански празник Божик, на свет дојде првото новороденче во новата година во Кочани.
Станува збор за машко бебе, родено на Акушерското одделение при Општата болница во Кочани. Мајката е од Гостивар, но живее во Оризари и ова е нејзина втора рожба, што ќе го носи името Миха.
Првото новороденче во 2026 година во Кочани е тешко 3, 5 килограми и долго 53 сантиметри. Породувањето е поминато нормално, родилката се чувствува добро, вели спец. гинеколог акушер Илчо Атанасовски.
Градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов ги посети мајката и новороденчето. Врачувајќи им традиционалните подароци и им посака добро здравје и многу среќа.
-Во моментите кога го славиме најголемиот христијански празник, раѓањето на нашиот Бог, Исус Христос се раѓа и нова наша надеж во Кочани. Ова не е симболика, ова е јасна порака со која, Господ Бог е со нас и со негова помош ќе се трудиме да го направиме тоа што многупати кажувавме, за повторно раѓање на Кочани и за повторно раѓање на кочанската болница. Од мое лично име и од име на Општина Кочани на малиот наш сограѓанин, му посакувам безгрижно детство, многу здравје и да биде гордост на неговите родители и на нашиот град Кочани, рече градоначалникот Грозданов.
