„Пред точно една година, народот донесе одлука. Реши да ја земе иднината во свои раце. По седум години хаос, пониженост, криминал, уцени, поделби и страв, конечно дојде времето на правдата, на слободата, времето на работа. Граѓаните ја вратија надежта во сопствени раце. Доволно беше од заробена држава, доволно беше од корупциски скандали, од уценети функционери, од неми институции. Македонија беше држава во која владееше партијата, а не законот. Народот беше понижен, а криминалот беше наградуван. И тогаш, граѓаните гласно кажаа доста е. И го избраа патот на вистината и на исправноста. Ни ја дадоа довербата, да ја водиме оваа држава и од тој ден започна промената“ порача вечерва од Кичево премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Вели „Знам дека народот е изморен од лаги, од празни зборови и празни ветувања. Но, и тоа го знам, народот гледа кој работи, а кој се крие. Гледа кој вложува, а кој краде. Гледа кој се бори за Македонија, а кој ја продава. И затоа, ние како Влада, не бегаме од одговорноста. Ја носиме со гордост, затоа што оваа држава вреди да се бори за неа и да се спасува, од тоа што го наследивме. Вреди да се гради. Секој почеток е тежок. Секој нов почеток е уште потежок, затоа што наследуваш веќе стекната состојба и не почнуваш од нула, туку од минус“.
„Она што сите го очекуваме, сакаме, заслужуваме и за кое секој ден, се трудиме и чекор по чекор се бориме. Земја на пропсеритет, ред, развој, почит, човечност, земја на вредности. Земја со која ќе се гордееме, земја која ќе биде на вистинскиот пат, повторно твоја и ќе работи за тебе“ рече Мицкоски.
Рече дека државата отвора врата за инвестициите. И домашни и странски.
„Секој ден разговараме со инвеститори, отвораме нови фабрики, нови работни места. Даваме поддршка на земјоделците, на стопанството, на приватниот сектор. Даваме шанса на младите да останат тука, дома, да создаваат тука, и да веруваат во својата татковина Македонија. Обезбедуваме и повисоки пензии за пензионерите. Со ова ново линеарно покачување, веќе зголемувањето за пензионерите, линеарно за една година или година и неколку месеци, изнесува историски високи 7 илјади денари. Тоа можеби и не е доволно, јас сум сигурен, но е многу повеќе од сето она коешто се случуваше во минатото“ рече Мицкоски.
За опозицијата рече дека „боледува од вирусот на безидејноста, која не извлече ниту една лекција зошто се таму каде што се и во таква една ситуација толку се слаби што, во овој момент некогаш големата СДСМ се сведе да биде застапник на одредени бугарски интереси и да е за жал, нивната продолжена рака. И втората работа, која што исто така е карактеристична за СДСМ е да се борат на овие избори, не со тоа тие каков концепт ќе понудат, туку да работат по секоја цена ДУИ да има добар резултат и да ја спасуваат политичката кариера на политичарите од ДУИ, меѓу нив и Али Ахмети. Од некогаш големата СДСМ, станаа само на овие локални избори, овие две работи“.