Зарем некој може да верува дека говорот на првата дама на САД пред таа да го каже во јавност оди на рецензија кај некој дипломатски претставник? Јас не верувам во тоа – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ги написите во медиумите, во кои се наведува дека Грција реагирала бидејќи сопругата на претседателот на САД, Меланија Трамп, го употребила името Македонија на настанот во Вашингтон, на кој присуствуваше сопругата на премиерот, Рози.
– Јас го прочитав тој натпис во медиумите кај нашиот јужен сосед. Претпоставувам дека изворот е дипломатски. Зарем некој може да верува дека говорот на првата дама на САД пред таа да го каже во јавност оди на рецензија кај некој дипломатски претставник? Јас не верувам во тоа. Односно, ако тоа се случило, тогаш САД имаат сериозен проблем во безбедносниот протокол. А тоа што, претпоставувам, дипломатите од некоја амбасада сакаат да бидат интересни можеби за медиумите, па тоа го претставуваат како не знам каков дипломатски успех или нешто слично, тоа е друга тема, но верувајте, од моето искуство, да не речам невозможно е некој надворешен да дојде до говорот на првата дама на САД пред таа да го соопшти на јавноста. Тие што ова го осмислиле мислам дека направиле безуспешна играна серија, рече Мицкоски.
