Мицкоски: Нема да влезам во процес без гаранции за членство во ЕУ

Од:

Нашиот став е јасен и непроменет и нема цена која што може мене како претседател на Владата да ме натера да влезам во таква авантура, а во која што нема да има извесен крај, изјави денеска претседателот на Владата Христијан Мицкоски во врска со вчерашната посета на претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта и ставот дека мора да се донесат уставни измени за да почнат преговорите за влез во ЕУ.

Мицкоски беше дециден дека за овие 26 години многу пати ни беа давани ветувања за отстапки, но и дека ставовите кај нашиот сосед во однос на ова прашање се радикализираат. Тој ги повика граѓаните да се обединат околу ставот на Владата по ова прашање.

– Ние со господинот Кошта имаме изградено, навистина би рекол, искрен однос. Тоа не значи дека секогаш се сложуваме. Една од темите за која што не се сложуваме е токму оваа за која што вие денеска зборувате. Нашиот став е јасен и непроменет. Со други зборови еве да го повторам: нема цена која што ќе не натера да влеземе во авантура без притоа да знаеме дека таа авантура ќе има извесен крај. Не постои цена која што може мене како претседател на Владата да ме натера да влезам во таква авантура, а во која што нема да има извесен крај – истакна Мицкоски.

Многу пати во минатото, додаде тој, на граѓаните, но и на политичарите од македонската Влада им беа давани ветувања. – Беа тапкани по рамо дека уште ова треба да се направи, верувајте ми на зборот, но, за жал, ние се наоѓаме на истото место каде што се наоѓаме пред 26 години. Од информациите коишто јас ги имам и тоа што ми беше соопштено од билатералната средба меѓу министрите за надворешни работи, нашиот и на нашиот источен сосед, мислам дека таму драматично се радикализира состојбата, и не само што ова не е единствениот услов за да влеземе во процесот и тој процес да го изодиме до крај, туку напротив, таму работите драматично се радикализираат, а причината за тоа е, нормално, опозицијата кај нас, која, за жал, не бира средства за да ги урива позициите на Владата кога станува збор за одбрана на македонските национални интереси и претставува мекото ткиво на македонскиот национален идентитет – нагласи премиерот Мицкоски.

Тој притоа ја повика македонската јавност да застане и да се обедини околу политиките на Владата кога станува збор за ова прашање бидејќи, како што рече, „колку повеќе сме заедно, обединети, толку повеќе сме силни и дома и надвор“. „А овие коишто се мекото ткиво, додаде, „ќе бидат наскоро поразени и минато на политичката сцена во државата“.

Но, и тоа ќе го издржиме, имаме доволно сила. Ние сме подготвени за сето ова, имаме факти, имаме аргументи, ќе работиме… Ова не е спринт, ова е маратон. Потребна е стратегија, план, визија… Ова се победува со ум. Не се победува со брзање и под притисок – нагласи премиерот Мицкоски на прес-конференција во Владата.

Тој истакна дека не очекува промена на позициите на Софија, особено не сега по изборот на новата бугарска Влада.

– Јас не очекувам од страна на Софија промена на ставот, најпрвин да бидеме тука директни и прецизни, посебно не сега таму кога оваа нова Влада е во т.н. политички меден месец. За да направат пренос на вниманието од домашните проблеми, тие ќе се обидат да креираат ваков тип на прашања во коишто ќе се покажат како луѓе кои што ќе ги штитат нивните интереси. За разлика од кај нас, таму постои единствено мислење кога станува збор по ова прашање – рече премиерот Мицкоски кој повтори дека на нашата политичка сцена има уште една група која по секоја цена сака да ги урниса позициите на Владата.

Мицкоски рече дека нашите аргументи надвор се јасни и гласни и прецизни. – Кога зборувам за наши аргументи, тука зборувам за испораката која што е поврзана со Планот за раст, односно реформската агенда. Ние продолжуваме и понатаму да испорачуваме реформи. Имаме целосно усогласена надворешан и одбранбена политика со ЕУ, што е уште еден дополнителен аргумент – рече Мицкоски.

Ги наведе документите што сме ги изработиле, вклучувајќи го и Акцискиот план за малцинства, како и изразеното задоволство од страна на Кошта. – Ако го изолираме ова без притоа да имаме јасна перспектива, се останато ние како Влада ќе го исполниме и ние сме фронтранери, а не тие што се третираат како замислени фронтранери, односно земји коишто исполнуваат услови и се напред и ја водат групата Западен Балкан 6 – рече Мицкоски.

Премиерот потенцира дека на оваа гарнитура политичари целта и е да поврати дел од загубеното, а не дополнително да загубиме, нагласувајќи и повторувајќи дека оваа Влада нема да влезе во авантура без план.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Во акцијата на Финансиската полиција опфатени поранешен прв човек на Царина, неколку вработени и еден „посредник“

Мицкоски: Обезбедуваме инвестиции, работни места и економски раст меѓу петте највисоки во Европа

Левица: Обезбедувач на Мицкоски доби условна казна за семејно насилство, дали ова е правдата што ја ветуваше власта?

Горан Наумовски

Мицкоски: Верувам и дека достоинството, идентитетот и принципиелноста не треба да се пречка за европската перспектива

Предраг Петровиќ

Кошта: Усвојувањето на уставните измени останува единствен начин за почнување на пристапните преговори

Мицкоски го пречека Кошта, по тет-а-тет средбата ќе има состанок на двете делегации и заедничка прес-конференција