На денешниот настан во општина Лозово претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за актуелниот градоначалник на оваа општина, Бошко Цветковски посочи дека е трудољубив млад човек, прекрасна личност и голем Македонец, човек којшто го сака своето родно место и човек кој се бори за проект повеќе за Лозово и неговите жители.
„Затоа, сакам јасно ад ставам до знаење дека ја има мојата лична, недвосмислена поддршка и исто така ја има поддршката на владата со која заедно со општина Лозово ќе направиме многу проекти овдека. Така што, јас сум убеден дека Бошко не само што е добар и успешен градоначалник, туку сигурен сум дека ќе биде добар и уште поуспешен градоначалник во следните четири години“ – посочи Мицкоски.
Понатаму, Мицкоски истакна дека, на овие избори граѓаните јасно кажаа која политичка партија е таа којашто е нивен избор во Македонија.
„На овие избори во 59 општини ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата или веќе освои градоначалник, или убедливо води и во шест општини е многу блиску до првото место, односно е второпласирана. Во првиот круг освоивме 33 општини и веќе имаат градоначалници од редовите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, двајца против кандидати на нашите кандидати за градоначалници веќе се откажаа, што значи 35 и од 24 очекувам, сите 24 да бидат градоначалници. Ние ниту еден човек нема да оставиме, за секое место, за секоја општина ќе се бориме, затоа што знаеме дека нашите противкандидати не нудат иднина, туку нудат враќање назад во она тешко минато, минато кога се ограбуваше и национално се понижуваше нашата Македонија. Така што, на крајот овие избори очекувам ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата да имаат 59 градоначалници“, рече Мицкоски.
Додаде дека волјата и недвосмислената поддршка на народот се потврди со тоа што во 58 општини ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата победија на советничките листи и во најголемиот дел од тие општини.
Имаме, кажа Мицкоски, веќе убедливо мнозинство во советите.
