Мицкоски: Да направиме рестарт на системот којшто е трул и нефункционален

Од:

Потребна е длабока мобилизација на сите структури во општеството за да направиме рестарт на системот којшто е трул и нефункционален, оптоварен со многу отстапки, неразумни компромиси, силувања и разочарувања. Не само мобилизација на политичките елити, туку длабока мобилизација на сите структури во општеството. Потребен е суштински дијалог со сите општествени фактори важни за државата, порача премиерот Христијан Мицкоски на централното чествување на Денот на народното востание – 11 Октомври.

Од Центарот за култура во Прилеп, премиерот порача дека е подготвен да го води тој процес и сите да се обединат околу платформа која нема да биде само политичка или економска, туку општествена за целите што сакаме да ги постигнеме како држава.

– Академската средина се подели на „про наши“ и „про нивни“, додека МАНУ секогаш за сите прашања е поттурнувана на страна, и се водат чудни полемики за проценти на застапеност, за тоа кој бил, а кој не бил академик, наместо за проценти на искористеност на нивните знаења и искуства. Има многу прашања за кои не се прашани, но и тие некако автоцензурирачки и задоцнето реагираат. Имам чувство дека престана да се комуницира со младите кои си создадоа свој микросвет, поразличен од нашиот. Одиме заедно низ процесите, но различно зборуваме. Затоа е потребен дијалог. И кога ќе речам дијалог, најмалку мислам на она што најпрво ви поаѓа на ум – покана за лидерска средба со опозицијата, што завршува со сала за состаноци, заедничка фотографија, милион прашања, а малку одговори и изјави во кои се тркаме кој ќе биде помудриот. Овој пат говорам за суштински дијалог со сите општествени фактори важни за државата – академската средина, професорите, академиците, науката, младите, искусните и оние со енергија за движење напред. Подготвен сум да го поведам тој процес и да се обединиме околу платформа, не политичка или само економска, туку општествена, за целите што сакаме да ги постигнеме како држава и патот кон тие цели, рече Мицкоски.

Потсети дека во изминатите 30 години државата поминала низ тешки моменти како ембарга, транзиција, воен конфликт, вета, промена на името и дека секој од нив оставал трага врз колективната свест и меморија.

– Сакам да кажам дека никој од нас не е исклучен од свесноста за она што ѝ се случи на државата и сите овие работи ја уништуваа самодовербата и ја убиваа надежта. Многумина – тоа е причината поради која си заминаа и неповратно се иселија. Оправдано, но сепак поразително за целата држава е констатацијата на многумина дека системот во Југославија бил многу поорганизиран од сега. Не е тоа толку носталгија кон тој систем, нешто што било пред 30 и повеќе години, колку што е пред сè револт кон нефункционирањето на системот што се гради овие 30 години. А системот е трул и нефункционален, оптоварен со многу отстапки, неразумни компромиси, силувања, разочарувања. Затоа на граѓаните им се смачува од политика, од расправии за основните прашања. Затоа што премногу луѓе го заборавија моралот и вредностите што треба да бидат арматурата отпорна на сите потреси. И виновниците за сето ова имаат и име и презиме. И ги знаеме сите нивни репризи, фарси, нивните мотиви и нивните цели што не се исти со нашите. Не знаеме до кога ќе прават вака, но знаеме дека нема да дозволиме да успеат, дури и тогаш кога ќе подаруваат поклони на други држави, а и кога ќе добиваат поклони од други држави. Она што вистински го знам и го потпишувам е сознанието дека оваа генерација, оваа наша генерација, е последната шанса по која ќе нема поправен, нагласи Мицкоски.

Порача дека државата оди по вистинската патека и дека патот не е лесен, но е вистинскиот.

– И тој пат го градиме со срце, со вера и со љубов кон татковината. Секој чекор е за иднината на нашите деца, за младите што сакаат да останат, за Македонија што не се предава, рече Мицкоски.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Има над 80 кривични пријави во фиоките на Обвинителство, а клучот е некаде на Бихаќка

А1он

Мицкоски: Време е за ресетирање на системот за да се изгради држава на правда

А1он

Мицкоски не ја исклучува можноста од предвремени парламентарни избори

А1он

СДСМ: Мицкоски и Петрушевски со лаги го покриваат бугарскиот капитал на ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски: По изборите ресет на системот

А1он

Заев му одговори на Мицкоски: Очаен обид на неспособниот премиер да го пренасочи вниманието на јавноста од неговите неуспеси